Германскиот канцелар Олаф Шолц повика денеска на проширување на Европската унија, изјавувајќи на конгресот на европските социјалдемократи дека тогаш ЕУ ќе може подобро да ја покаже својата сила во глобалните прашања.
Откако ја презеде функцијата, Шолц проширувањето на Европската унија со вклучување на Балканот и другите нации, го направи главен елемент на својата надворешна политика.
Унијата со 27, 30, 36 земји, со повеќе од 500 милиони слободни и рамноправни граѓани, може да има посилно влијание врз светот, истакна Шолц на конгресот.
Во моментов Европската унија има 27 земји-членки.
Јас сум посветен на проширувањето на ЕУ. Фактот дека таа продолжува да расте кон исток е добивка за сите нас, нагласи германскиот канцелар.
Во Берлин денеска се одржа Конгрес на европските социјалисти со поддршка од германската владејачка СПД, на кој учестуваат шефови на држави и влади, еврокомесари, партиски лидери и други претставници.
Европа е на околу една и пол година од следните европски избори. Нашиот Конгрес доаѓа во момент на суштински промени и големи неизвесности. Со мотото „Со храброст. За Европа“, лидерите на ПЕС ќе разговараат за политиките за справување со длабоките промени во меѓународната безбедност и мултилатералната рамнотежа, зголемените цени на енергијата и инфлацијата, кризата со Ковид-19, климатските промени и социјалните предизвици, се наведува во соопштението на европските социјалисти.