Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
На самиот почеток на овој текст, на моето лице има насмевка заради темата за која денес ќе пишувам. Имено, оваа реалност, за која денес ќе зборувам, а која со години сите ние ја живееме, ја почнувам, ви велам, со насмевка, ама мене до смеење не ми е дојдено. Мојата насмевка е цинична, затоа што тоа е насмевка на немоќта.
Реалноста во која ние живееме е посветена да го уништи секој еден од нас, дури и уште полошо, реалноста е посветена да ги упропасти и нашите деца, и ако во мене има сила за било што, а тоа е сила да се обидам со тоа кое го можам, а тоа кое го можам е малку, да овој простор и мојата земја ја направам нешто подобро, а на подобро мислам на поправедна и Европска држава. И всушност, кога сè ќе соберам и одземам, јас друг мотив немам.
Катастрофа би било за нас ако ние не ги разрешиме конфликтите и сметките денес, во спротивно, конфликтите и сметките ќе им ги оставиме на нашите деца. А, како што денес стојат работите, постои голема веројатност тоа всушност и да се случи. И тоа би бил нашиот најголем пораз на сите нас. Така што, ќе се обидам да бидам прецизен и јасен во овој текст.
Северна Македонија нема ништо да ја растури како што може да ја растури национализмот и кавгата со Бугарите. Национализмот како змија-питон кој голта плен, полека ја голта и Северна Македонија, а групите за застрашување – ги нарекуваат оптимистички „аналитичари“ – се конфронтираат со Албанците дома, а со Бугарите надвор. Големо прашање е кој од центрите на моќ во тоа им асистира. Ама ова не е време на теророт на Груевски и неговата ултрадесна ВМРО-ДПМНЕ, туку ова е време на Социјалдемократијата, можеби малку уморна, „прецвикана“, но сè уште жива либерална демократија. Која слободата на мислење ја става високо на листата на своите вредности и, во принцип, ја штити.
Ако имаш трунка верба во демократијата, а јас, ете, сè уште имам, тоа што порано се зборуваше дека државата и нацијата не смеат да бидат параван за репресивни мерки, ете, јас и во тоа верувам. Можеби тоа што ултрадесничарската ВМРО-ДПМНЕ го зборува, начинот на кој пишува и промислува вам ви се гади, ве нервира, ама од нив, при самиот влез во земјата, ние од големонационалистите направивме мартири на слободниот збор.
Да, нивната идеологија е злосторничка, за што денес сведочи „растурениот“ град Скопје под власт на извесна „Данела Арсовска“ (во наводници затоа што ја третирам како феномен, далеку е „тажната госпа“ од личност!), а „слободните зборови“ за нив се оган со кои ги спалуваат душите на граѓаните. Да, нивниот национализам во Македонија гушеше, забрануваше, палеше, пљачкаше, толчеше се што беше македонско, антивоено и проевропско.
Мицкоски и неговата камарила со задоволство го истакнуваат своето „македонско потекло“ – со тоа, веројатно, им се чини, дека тие се ексклузивни експерти за Македонија. „Експертите“ не знаат кога е кодифициран македонскиот јазик, не знаат кога и како се раѓаат современите македонци, останувајќи притоа слепи дека нивниот однос кон Македонија е споредлив со односот во кој Адолф Хитлер го имал кон својата татковина Австрија. Во прашање е иста омраза према идејата на австриската, односно македонската независност, иста ургенција во која татковината ќе се припои – таму Германија, а ваму Бугарија.
Мицкоски, Арсовска, Славески и останатите, единствено, според една карактеристика, се вистински Македонци по својата надмена празнина, по тоа што гордо безделничат на сите телевизии, што претставува судбина на сите кои говорат од „главата на целиот народ“.
Ако денес на Мицкоски некој му фрли камен во устата, како во бунар, шумот „глумп“ ќе се слушне дури во 2049 година. Затоа ваквите луѓе се празни, анахрони, антиинтелектуални, затоа целиот е претворен во досетка и целиот е направен од досетка. Затоа Мицкоски е идеален противник, со влегувањето на Северна Македонија во НАТО и отпочнување на преговорите со Европската Унија, поразен е и нокаутиран. И, како таков е повеќе од добредојден.
И ако веќе се „курдисале“ да се занимаваат со прашањето за националниот идентитет, Владата на Ковачевски мора по секоја цена да влече напред кон Европската Унија, па дури било и тоа 2030 година. Тоа би бил најдобриот одговор што Северна Македонија може да му го даде на лажниот и октроиран големонационалист Мицкоски, заедно со неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Текстот е личен став на Авторот. Преземањето е дозволено според лиценцата Creative Commons 4.0.