Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во објава на Фејсбук рече дека му е чест што го добил Орденот „Јарослав Мудриот“ од претседателот на Украина, Володомир Зеленски.
„Особено сум почестен од веста дека претседателот Зеленски со Указ бр. 734/2022 ми го доделува Орденот Јарослав Мудриот за значајни лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, значителниот придонес во популаризацијата на украинската држава во светот. Бев прв државник од Регионот кој го посети Киев зашто бев и сум уверен дека ужасот и последиците од агресијата, но во исто време, храброста и оптимизмот на Украинците се посведочува лично“, напиша Џафери.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски додели орден на кнезот Јарослав Мудриот на неколку светски политичари, меѓу кои и претседателот на Собрание на Република Северна Македонија, Талат Џафери.
Орденот се доделува за значајни лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, значителен придонес во популаризацијата на украинската држава во светот.
Списокот со имињата на кои Зеленски им додели Орден „Јарослав Мудриот“ може да се прочита на службената страница на украинското претседателство.
Џафери во април 2022 година ја посети Украина, со цел да ја потврди општата определба на државата да ја поддржи Украина и украинскиот народ, при што напомена дека физичкото присуство во оваа држава значи и лична, но и институционална поддршка на напорите на ункраинските институции да го врати мирот и контролата врз целата своја територија.
Поврзано






