Квалитетот на воздухот во Њу Делхи, град со околу 20 милиони жители, ја премина категоријата „екстремно опасен“, бидејќи во текот на денот беше забележан индекс од 768 во областа Џахангирпури.
Тој индекс е 15 пати повисок од нивото кое се смета за „добро“, објави Ројтерс.
На веб-страницата „Air quality index“ (aqicn.org) е наведено дека во Џахангипура вечерва во 23.00 часот по локално време е забележан индекс од 947.
Жителите на Делхи беа огорчени откако владата забрани употреба на пиротехнички средства за време на фестивалот на светлината Дивали.
Имено, власта во Делхи минатата недела се закани дека секој што фрла петарди за време на празникот ќе се соочи со затворска казна до шест месеци бидејќи забраната беше воведена со цел да помогне во борбата против екстремното зимско загадување.
Некои Индијци, особено приврзаниците на премиерот Нарендра Моди и неговата партија БЈП, која е опозиција во Делхи, велат дека забраната е всушност обид на локалната власт да го прикрие фактот дека не успеала успешно да дејствува против загадувањето на воздухот.