Петмина министри во британската влада ги напуштија своите позиции откако Риши Сунак стана премиер, јави Би Би Си. Сунак, сепак, го задржа Џереми Хант, кој беше назначен на функцијата од сега веќе поранешната премиерка Лиз Трас пред две недели.
Поранешниот министер за правда Брендон Луис поднесе оставка, велејќи дека „новиот премиер ќе ја има мојата поддршка од позадина во соочувањето со многу предизвици, како партија и како земја“. Министерот за бизнис и енергетика Џејкоб Рис-Мог исто така се повлекува, како и министерот за образование Кит Малтхаус.
Клои Смит повеќе нема да биде министерка за труд и пензии, а Ранил Џајавардена поднесе оставка од функцијата министер за животна средина.
Џереми Хант ќе остане како министер за финансии откако беше назначен од Лиз Трас кон средината на октомври, со цел да ја смири финансиската бура создадена од нејзината економска програма.
Искусниот политичар кој помина низ министерствата за здравство и за надворешни работи, Џереми Хант (55), ги укина речиси сите даночни намалувања по неговото назначување што ги донесе владата на Лиз Трас и предупреди дека доаѓаат остри мерки, поттикнувајќи ги стравувањата за враќање на мерките за штедење.
Новите буџетски мерки треба да бидат објавени на 31 октомври.
За потсетување, вчера беше објавено дека Сунак ќе стане нов британски премиер откако останатите кандидати се повлекоа од трката за лидер на Конзервативната партија, оставајќи му задача да ја води длабоко поделената земја во економска криза.
Сунак (42), поранешен министер за финансии, ќе стане третиот британски премиер за помалку од два месеца, со задача да ја врати стабилноста на земјата, која со години ја тресат политички и економски превирања. Мултимилионерот, поранешен претседател на инвестицискиот фонд и аналитичар на Голдман Сакс, ќе биде првиот британски премиер со индиско потекло.