Турската полиција денеска уапси 11 новинари за наводни врски со курдски милитанти, соопштија официјални лица.
Прокурдската новинска агенција Месопотамија соопшти дека нејзиниот главен уредник Дирен Јуртсевер и осум други новинари биле приведени на сослушување по полициските рации во Анкара, Истанбул и други турски градови, пренесува Ројтерс.
Додаваат дека се приведени и двајца новинари од агенцијата Јин њуз.
Осомничените се уапсени поради ширење вести или содржини кои поттикнуваат омраза и непријателство во јавноста, се вели во објавата на полицијата на Твитер.
Во соопштението, полицијата ја обвини Месопотамија дека работи како „совет“ на Курдската работничка партија (ПКК), која е забранета во Турција, и ги опиша рациите како „антитерористички операции“.
Апсењата се извршени неколку дена откако Турција го ратификуваше новиот закон за медиуми со кој се пропишуваат затворски казни за ширење „дезинформации кои имаат за цел да предизвикаат загриженост, страв и паника во јавноста“, објави Ројтерс.
Критичарите на законот изразија страв дека турската Влада ќе ги искористи новите прописи за да ја сузбие слободата на говор на социјалните мрежи и независното известување, додава британската агенција.