Северна Македонија го потпиша Договорот со ФРОНТЕКС, а ќе добие и финансиска поддршка од 80 милиони евра за справување со енергетската криза. Сo ова, како што истакнаа по вчерашната средба, премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен се исполнува ветеното, но и продолжува соработката во процесот на преговорите.
Договорот со ФРОНТЕКС е потпишан на македонски јазик и е прв ваков официјален документ меѓу земјава и ЕУ.
Ви ветив дека ќе го потпишеме Договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик, без фусноти и ѕвездички, на еднакво рамниште со сите 24 јазици на ЕУ и денес испорачуваме резултати. Овој Договор не е важен само зашто ја зацврстува нашата соработка за миграцијата, туку и зашто покажува дека нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и целосно го почитуваме тоа, рече претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.
Фон дер Лајен оцени дека Северна Македонија се движи напред, по европскиот пат.
Премиерот Ковачевски за време на прес-конференцијата истакна дека потпишувањето на овој Договор е ветувањето што го дал и ветување што го исполнил.
Со овој Договор ќе можеме заеднички да се справуваме со нелегалната миграција и заеднички да одговориме на предизвиците, но овој пат тоа ќе го правиме од нашата територија заедно со силите на Фронтекс, посочи тој.
Договорот со ФРОНТЕКС беше потпишан вчера во Владата од страна на чешкиот амбасадор Јарослав Лудва како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, во име на ЕУ и од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во име на Северна Македонија.
Претседателката на ЕК при вчерашната посета на Скопје го презентираше и грантот од 80 милиони евра, итна буџетска поддршка од ЕУ за справување со енергетската криза во земјава, што ќе биде достапен од јануари.
Дополнително, обезбедени се и 500 милиони евра во грантови за регионот за инвестирање, што се неопходни за Европа да ја добие независноста во енергетиката, изјави Фон дер Лајен на вчерашната заедничка прес-конференција со премиерот Ковачевски.
Овие средства се дел од пакетот за енергетска поддршка за целиот Западен Балкан што го обезбеди Европската Унија со цел да им помогне на државите да се соочат со влијанието што зголемените цени на енергијата го имаат врз граѓаните и бизнисите.
Премиерот Ковачевски истакна дека во наредните два месеци ќе бидат направени сите формалности и веќе во јануари ќе можат да се повлечат средствата за буџетска поддршка.
Тоа значи дека тие финансиски средства во најтешките месеци, јануари, февруари, март ќе можат да бидат искористени за справување со енергетската криза, односно за намени коишто Буџетот ќе ги предвиди со Буџетот за 2023 година, што наскоро ќе биде одобрен на Влада и ќе биде влезен во Собранието, вели Ковачевски.
Претседателката на Европската Комисија вчера во Скопје ја започна посетата на земјите од Западен Балкан. Фон дер Лајен денеска ќе отпатува во Приштина и Тирана, в петок ќе ги посети Сараево и Белград, а во сабота ќе отпатува за Подготрица.