Сакам да ја потенцирам тежината на тоа што се случи со потпишување на Договорот со ФРОНТЕКС, а тоа е дека конечно го решивме прашањето за јазикот. Никогаш во историјата на државата немаме потпишано договор што го одобрува Советот на Европската Унија, а ја содржи клаузулата на јазикот, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На денешниот брифинг со медиумите тој потенцираше дека Европската Комисија во своите извештаи јазикот последен пат го споменува во 2005 година, а потоа исчезнува и се користи формулацијата „државен јазик“.
Комисијата го употребува во неколку наврати, потоа исчезнува, за да во 2022 година се врати на големата врата како официјален документ, додава Османи.
Вели дека државата имала договор со Европската инвестициска банка, но како децентрализирано тело на Унијата. Додава дека дури и во Спогодбата за стабилизација и асоцијација се користи „официјален јазик“.
Министерот заклучи дека Бугарија исполнила важна точка од преговорите. Вели дека тоа што се случи со потпишувањето на Договрот може да биде потценето, но фактите се тие.