Американската компанија Вестингхаус Електрик (Westinghouse Electric Co) ќе ја изгради првата нуклеарна централа во Полска, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки, потврдувајќи ја долгоочекуваната одлука чија цел е намалување на емисиите на јаглерод диоксид и ставање крај на употребата на јаглен. Изборот на Полска за САД како партнер ја нагласува важноста на односите со Вашингтон во време кога нејзината безбедност е во фокусот додека Русија води војна во соседна Украина.
Потврдуваме дека нашиот проект за нуклеарна енергија ќе користи сигурна, безбедна технологија @WECNuclear, напиша Моравјецки на Твитер. Вестингхаус се натпреваруваше со јужнокорејската државна компанија Кореа Хидро Нуклеар Пауар (Korea Hydro Nuclear Power), која испратила понуда во април. За овој проект Варшава разговараше и со француски компании.
A strong ??-??alliance guarantees the success of our joint initiatives. After talks with @VP K.Harris and @SecGranholm we confirm our nuclear energy project will use the reliable, safe technology of @WECNuclear. Thank you @USAmbPoland. Council of Ministers resolution on Wednesday
— Mateusz Morawiecki (@MorawieckiM) October 28, 2022
Американското партнерство во овој проект е поволно за сите нас: можеме да се соочиме со климатската криза, да ја зајакнеме европската енергетска безбедност и да ги зајакнеме стратешките односи меѓу САД и Полска, напиша на Твитер американската потпретседателка Камала Харис.
Харис, заедно со американската министерка за енергетика, Џенифер Гранхолм, се обиделе да му помогнат на Вестингхаус да го обезбеди договорот, разговарајќи неколку пати со Моравјецки во текот на изминатата година, додаде претставник на Белата куќа.
Проектот ќе отвори илјадници работни места за Американците, додаде тој. Со изборот на Вестингхаус и САД се испраќа порака до рускиот претседател Владимир Путин „за силата и вмрежувањето на американско-полското сојузништво, изјави висок претставник на американската влада.
Варшава бараше партнер кој ќе обезбеди 49 отсто од финансирањето за изградба на нуклеарен капацитет од 6-9 гигавати. Полска планирала да ја избере технологијата за првите три реактори до крајот на 2022 година, а првиот треба да биде оперативен во 2033 година.
Разбираме дека одлуката ќе биде за првите три реактори и нашите очекувања се дека Полска со текот на времето има намера да изгради шест реактори АП1000 од Вестингхаус, а подоцна ќе донесе конечна одлука за вториот сет од три (реактори), нагласи американскиот официјален претставник.
Извори тврдат дека Полска прво ќе ја избере технологијата, која ќе покаже кој ќе биде партнер, а потоа ќе разговара за деталите од договорот.