Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Инсектите ја поистоветуваат светлината со воздухот, со излезот, затоа инсектот заробен во цевка до смрт ќе се залетува во стаклениот ѕид од чија друга страна се наоѓа светлината, игнорирајќи го излезот кој се наоѓа зад него во темницата.
Пишува во 1964/65 година Сузан Сонтаг.
Ха, си реков, навистина, така се однесуваат и македонските мушички околу сијалиците во паркот.
И не само македонските мушички, туку и Македонците кои не престануваат да удираат со главите во дебелото стакло зад кое им се смеат Гоце, Јане и Даме, или Џинот, за кој тие мислат дека е вистински Џин, Голијат на драмата, македонскиот Бекет, Пинтер и Јонеско, а не претенциозен осмошколски шкрабач на кој не му било срам да го пишува тоа што го пишувал, четиристотини години по Шекспир, шарени митови и безвезна историја која низ стаклото се испрекршува и до нивните очи доаѓа како славна, игнорирајќи го излезот во модерноста и во критериумите на модерноста што им се наоѓа зад грбот.
На европскоста во случајот.
Ние сме, всушност, инсекти.
Двоножни инсекти.
Добро, не сите, има меѓу нас и нормални луѓе, но ова што се влече околу вмро или во вмро, сè се тоа мушички кои ќе јуришаат како руски регрути на украински химарси, сè дури не си ја скршат главата во стаклото.
На кое им се запишани светите букви.
На смртта, нормално.
Не би смееле да гледаме како умираат.
На така глупав начин.
Јас мислам дека е многу похумано со некоја правосмукалка да ги одлепиме од стаклото односно од светлото на минатото.
Или да ги осветлиме сите страни на нивната цевка, да ги шашардисаме во смртољубноста.
Да им го скршиме стаклото и да ги пуштиме да одлетаат кон сонцето.
Или да ги изгасиме сите сијалици.
Џинот ги осветлува мушичките на вмро, наместо ние да го осветлиме Џинот. И другите мушички што се наоѓаат од другата страна на џамот. Миладиновци, и сета таа таканаречена преродба која е галерија на ликови кои во еден момент добиле нагон да го изговорат зборот Македонија.
Во името на основоположноста во литературата и втемеленоста во историјата, сме ги прогласиле за великани.
Добро, но така се избегнати минимално вредните критериуми за генерации напред.
Тоа што за светската историја на оружјето е црешовото топче тоа за културата се нашите полуписмени или неписмени преродбеници.
Можеме да имаме симпатии за нивните напори, но вреднувањето мора да биде точно и во споредба со светот.
Не смееме нашата ситуација пред векови да ни биде алиби за верувањето дека Димитар е нашиот Шели.
Или да ги образуваме луѓето на оние смешни битови драми.
И романи.
Толе паша или Калеш Анѓа.
Речиси па дека девет десетини од целокупното книжевно творештво е бул шит.
Меѓу другото, затоа што се потпира на тие основоположници и затоа што е произведено во конјунктурата што ја дефинирала изградбата на нацијата и на Македонија.
И инерцијата од тој процес.
Како тема инспирација, јазик, стил…
Тоа стеснување на темите и интересите и критериумите направи културата да му излегува на Македонецот како паста за заби од пластична туба.
Цврц!
Без ширина, длабочина, без нијанси, само четка и мало конче бела маса.
Како коњски лопатки на очите.
Нашиот парадокс се состои во тоа што создавањето на Македонија и на македонската нација врз основа на тие критериуми и стандарди, претставуваше и создавање на основи на кои во првата згодна прилика народот ќе се одлепи, буквално ќе се одлепи, ќе оглупави, ќе се кретенизира и морално стриптизира, затоа што одбрал за основа магаре за коњските трки во Епсом Дерби во Англија.
Затоа што тоа што го читал, ако воопшто читал, му ги затнувало каналите низ кои доаѓаат новите идеи и перспективи, односно примал во себе обилни дози основи за културен холестерол.
Можеби оттука доаѓа стравот од Европа или дури презирот кон Европа.
Заедно со страшните ограничувања на јазикот, кои многу ниско ги плафонираат изразните и когнитивни способности на луѓето, го имаме пакетот во кој е одговорот на прашањето: каков народ сме, како стигнавме до овде и сл.
Вмро е само модератор на тоа тонење.
И стимулатор, нормално.
Амфетамин на пропаста.
Галерија на полнети птици.
Така е и со филмот, со филмот особено, така е и со спортот, со забавната музика од чија неподнослива баналност се умира, така е со медиумите, радиостаниците се рекламни платформи за решавање на прашањето на бесплодноста, како да ја контролирате вашата бременост за да уживате во неа така што благовремено ќе го откриете деформитетот на плодот, телевизиите се вморонски шнауцери кои по цел ден лаат, весници нема, но би можеле да ги вратиме трафиките.
Или коњските кочии.
Пајтоните, уај нот.
Мала екскурзија со временската машина.
Мирисот на коњските говна ќе ме врати во детството.
Го сакав тој мирис како и мирисот на пристојно уредената штала.
Во однос на мирисот што се шири од Собранието, тие говна беа шанели во шишенца што се кршат во допирот со улицата.
Сега скоро на влезот во Трговскиот центар имаше презентација на правосмукалки, вентилатори и слични машини од најновата продукција на Киршер. Ги прашав имаат ли нешто за растерување на вморони, нешто како оние дувачи на паднати лисје, ми рекоа, како не господине, имаме нешто многу појако, до илјада вморони ги шиба не надвор од Македонија, туку надвор од галаксијата.
Добро, ги прашав, колку машини ми требаат за 300.000 инсекти.
Па, триста.
Така ми рекоа, со напомена дека на сто купени протерувачи, десет добивам џабе.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.