Шефот на украинската разузнавачка служба, генерал-полковник Кирило Буданов за британскиот весник Дејли Меил изјави дека рускиот претседател Владимир Путин користи двојници кои биле подложени на пластична операција.
Буданов во интервју за Дејли меил истакна дека украинската Влада е многу збунета од постојаните воени грешки на Русија за време на инвазијата и затоа многу луѓе се прашуваат дали Путин сè уште ги носи клучните одлуки.
Без разлика колку е лош, Путин не беше идиот. Рускиот план не следи никаква логика. Големо е прашање дали вистинскиот Путин сè уште постои, рече шефот на украинската разузнавачка служба, тврдејќи дека неговите луѓе откриле двојници кои биле користени за замена на Путин во посебни прилики.
Буданов вели дека употребата на двојници сега е вообичаена практика.
Конкретно знаеме за три лица кои постојано се појавуваат, но не знаеме колку се точно. Сите направија пластична операција за да изгледаат исто. Она што ги открива е нивната висина, а тоа може да се види на фотографии и видеа. Исто така, се забележуваат разлики во гестикулациите, говорот на телото и ушите бидејќи тие се уникатни за секој човек, тврди разузнавачот.
Буданов смета дека промените се неизбежни во Москва и дека смената на Путин е во интерес на „целиот цивилизиран свет“. Руските државни медиуми го поврзуваат Буданов со тајни операции на Крим, бидејќи тој е поранешен оперативец на специјалните сили, кој подоцна беше назначен за шеф на военото разузнавање. „Русите официјално ме нарекуваат непријател број еден“, изјави тој за Дејли меил.
Генерал-полковникот и претходно тврдеше дека Путин користи двојници. Изминатото лето тој изјави за Њузвик дека Путин користел двојници за време на јавните настапи за да ги скрие здравствените проблеми. „Сликата на ушите е поинаква“, коментираше тогаш Буданов на фотографијата од средбата меѓу Путин и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Буданов за Дејли меил призна дека Украина има тајни оперативци во Русија и дека најголем дел од нивните активности се насочени кон Чеченската Република на чело со Рамзан Кадиров. Минатата недела киевскиот парламент ја призна Чеченија како окупирана територија.
Буданов е убеден дека Украина ќе ја добие војната, но и дека Путин ќе биде принуден да ја напушти власта. „Овој конфликт ќе го измени идниот облик на Русија“, истакна тој.