Одреден број од пратениците, членовите и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ не се против внесување на Бугарите и деловите од останати заедници кои живеат во Северна Македонија во Уставот. Ваквите ставови тие тивко ги искажуваат во нивните јавни настапи, а последен тоа го потврди и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски во „24 анализа“ на ТВ24.
Откако беше потсетен од страна на пратеникот од СДСМ Дарко Каевски, со кого дебатираа во телевизиско студио, дека тој има изјави со кои потврдил дека нема ништо против Бугарите да станат дел од Уставот, Андоновски призна дека сè уште е на тој став. „Јас и денес немам проблем со тоа Бугарите да влезат во Уставот. Немам проблем 1.500 луѓе кои се чувствуваат како Бугари да бидат дел од нашиот Устав“ рече Андоновски и додаде дека сепак не ги поддржува уставните измени во вакви услови.
Но, не само тој, Андоновски призна пред граѓаните дека во ВМРО-ДПМНЕ постојат голем број членови кои се залагаат Северна Македонија и Бугарија да имаат многу посилна и подлабока соработка, бидејќи, како што кажа, токму неговата партија била обвинувана дека е пробугарска. Во преносна смисла ова значи дека и други во партијата на Христијан Мицкоски се согласуваат дека Бугарите треба да влезат во Уставот. И Мицкоски понекогаш се согласува, ама понекогаш не.
Но, што значи делот од изјавата на Андоновски дека Бугарите може да влезат во Уставот, ама не ги поддржува уставните измени во вакви услови? Дали мисли на условите што им ги поставува лидерот на пратениците, па сега тие условувања ги ограничуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени? Граѓаните знаат дека Мицкоски ги уценува пратениците да потпишат изјави на нотар дека нема да гласаат за влез на Бугарите во Уставот. Дури тој лично ќе поднел оставка од лидерската функција само ако и еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ гласал за уставните измени. Значи, ако лидерот те натера да потпишеш изјава на нотар навистина во такви услови не можеш да гласаш.
Понатаму, Дали Андоновски мисли дека нема услови да гласаат за поддршка на уставните измени затоа што нивниот претседател нема конзистентен став во врска со македонско – бугарските односи, со Договорот за добрососедство, со уставните измени, со европската иднина на државата… Па пратениците секојдневно се збунети од неговите јавни настапи, односно мора да ги прилагодат своите ставови според она што го кажува Мицкоски, а тој пак, секој ден има нов став и со тоа ги комплицира условите на пратениците да се одлучат дали сакаат Бугарите да влезат во Уставот или не сакаат. И во овие услови навистина е тешко пратеник да гласа по свое убедување. Затоа не му е лесно на Андоновски и на таквите како него, од една страна сакаат добри релации со Софија и се согласни Бугарите да бидат дел од македонскиот Устав, од друга мора да се претпазливи да не им се коси мислењето со она на лидерот и тогаш најлесно им е да ја изберат формулацијата „ние сакаме Бугарите да влезат во Уставот, ама не под вакви услови“ свесни дека условите им ги поставува Мицкоски?
Збунувачката тактика на Мицкоски кон своите започна уште при потпишувањето на Договорот за соработка со Бугарија, кога пред македонската јавност тој го критикуваше, омаловажуваше и плукаше по тој документ, за неколку дена подоцна пред Бојко Борисов и пред телевизиските камери да изнесе став дека договорот е добар и го почитува. Оттогаш до денес Мицкоски постојано го менува ставот, а пратениците колку и да сакаат не можат да го следат оти кажаното денеска не важи утре. И после по емисии ќе признаваат дека сакаат Бугари во Уставот ама немале услови да гласаат. Па, никој би немал услови за гласање да има лидер како Мицкоски.
Д. Е.