Република Северна Македонија на денешен ден во 1995 година стана 38-та земја членка на најстарата европска организација, Советот на Европа, објави денеска на Фејсбук, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
-Советот на Европа и Северна Македонија традиционално ги негуваат партнерскиот однос и соработка кои особено беа нагласени во изминативе пет години преку унапредување на соработката во спроведувањето на реформските процеси, што се покажа како исклучително важно за нашиот напредок во процесот на пристапување во ЕУ, истакна вицепремиерот.
Во објавата тој додаде дека во периодот кој е пред нас „продолжуваме со конструктивната соработка со бројните експертски тела на Советот на Европа, паралелно на спроведувањето на скринингот и целокупниот процес на преговори за членство во ЕУ, преку спроведување заеднички проекти кои се комплементарни на реформската агенда“.
-Република Северна Македонија останува достоен и кредибилен партнер во зачувувањето на европските вредности кои го обединуваат континентот, нагласи Маричиќ.