Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска се сретна со европратеничката и лидерка на пратеничката група на Прогресивната Алијанса на Социјалистите и Демократите во Европскиот парламент Ираче Гарсија Перез, по што се одржа и заедничка прес-конференција.
Отпочнувањето на преговорите на 19-ти јули годинава означува ново поглавје во нашиот европски пат и е јасен приказ за сите наши досегашни реформи и заложби како Влада да ја оствариме нашата стратешка цел, полноправното членство во ЕУ, истакна премиерот Ковачевски.
„По тешките и долги преговори со Бугарија, покажавме визија, лидерство и храброст и донесовме одлуки кои ќе значат подобра иднина, подобар животен стандард за граѓаните, ќе значат можност, нашите деца, идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тука, дома, во нашата Северна Македонија.
Она што беше исклучително важно за нас во преговорите, а за кое успеавме да се избориме, е заштитата на македонскиот јазик и негово издигнување на еднакво рамниште со сите европски јазици, заштита на македонскиот идентитет, се изборивме за историските прашања да разговараат експерти историчари, а не политичари и тоа во рамки на историската комисија. Сето ова го обезбедивме и ги започнавме преговорите и од тогаш до денес, и ние, и ЕУ ги исполнуваме нашите ветувања.“ истакна премиерот на денешната прес конференција
„Нашата цел е полноправно членство во ЕУ. Тоа е наградата на крајот на овој европски пат кој знам дека нема да е лесен и со европратеничката разговаравме за тоа како течат преговори, за реформите кои треба да се прават и дека тоа е еден широк општествен процес на позитивна трансформација на општеството со цел полноправно членство на државата во ЕУ. И обезбедување на општество со подобро владеење на право, со помалку корупција и со подобри плати за сите нејзини граѓани. И тој пат мора да се изоди, затоа што ние, немаме друга алтернатива. Европската Унија е нашиот единствен пат за нашата држава. Не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, врвна демократија. Едноставно заради подобар живот.
На крајот на секој тежок пат е големата награда, а таа голема награда е полноправно членство во ЕУ. Големата награда е нашите граѓани, идните генерации да живеат во ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет со македонска култура да бидат жители на ЕУ и многу побитно, побогати граѓани од тоа што се денес.“ рече премиерот Ковачевски