Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Претпоставувам сите ја видоа лажната слика на Раде Шербеџија и Димче Апасиев, односно сликата на некојси Славко Митевски и Апасиев, ама бидејќи Славко е анонимен, или поточно Славко е само „обичен наш човек“, дипломиран професор по одделенска настава, а Шербеџија е легенда, вонсериски уметник изнедрен од југословенскиот „Црн талас“, правец кој уште во времето на Ј.Б. Тито беше прогласен за „неподобен“, ние денес малку ќе зборуваме за Димче. Калап создаден и обликуван од пропагандната машинерија за мелење на месо на Груевски.
За ликот и делото на Шербеџија нема да пишуваме, за Славко, професорот по оделенска настава уште помалку. Нема да пишуваме ниту за Апасиев, ако тој човек воопшто постои, туку ќе пишуваме за „Димитар Апасиев“, злобниот производ и симптом на македонската политика.
Во личните мотиви за делување во политиката и внатрешниот свет на Апасиев нема да навлегувам, затоа што тоа е бесмислена работа – Апасиев е нечија разорна стихија отколку што е некаков политички фактор вреден за анализа; поточно, Апасиев е многу повеќе „портпарол на разорни стихии“ отколку што е некаков смислен или „левичарски“ фактор во политиката. Едноставно, тој човек сака да уништува сè пред себе. И тоа е сè.
Кога политичките околности беа поинакви или стравично полоши од денес, се заборава тоа, Апасиев никаде го немаше. Го немаше против Груевски, го немаше за време на „Шарената“, а не дека не беше тука, и не дека ја немаше Левица, о, и тоа како беше тука и тоа како ја имаше таа фамозна Левица, само што не беше ставен во „бубањ“. Откако се реши договорот со Преспа, тој маестрален договор на Заев, Димче беше ставен во погон: како загрижен „комуниста“ што ќе ги хушка вмровските толпи, ќе урла на големи врати низ народот и Сенатот дека ни се случило некакво „предавство“. Демек не се решило македонското „национално прашање“ со Договорот од Преспа, па сега го инсталираат Апасиев – служби ли, центри ли, јебем ли га, сега е сосема неважно – таа „вмровска“ буст-вакцина.
Ама, од друга страна, мора да се констатира уште една вистина: Македонија беше полудена уште пред да се појави Апасиев на политичката сцена. Апасиев – како неспорно интелигентен човек – во националистичкото лудило на Груевски ја виде својата шанса и почна да го работи и зборува она за кое вистинските творци на груевизмот – и ден денес „угледните“ наџак-баби на Груевски – не се осмелуваат да го зборуваат тоа што Апасиев го зборува, не од некое суштинско неразбирање со него, туку едноставно, затоа што за тоа немаат „муда“. Што, во конечноста, претставува идеја (и пракса) за собирање на „сите Македонци“ на овој свет на едно место.
Значи ако ВМРО-ДПМНЕ и Левица се тука да ги собираат „сите Македонци на едно место“, тоа во суштина ни кажува две работи: прво, Македонците не умеат да стојат на едно место, па потребно е некој да ги собира, и второ, не умеат да изградат стабилен државен систем, па затоа некој мора константно да ги собира.
Само да потсетам: Груевски се обиде да ги држи „сите Македонци“ на едно место, а тоа произведе латентна граѓанска војна една цела декада. Кулминацијата од таквата состојба ја видовме на 27. април 2017 година.
Некои велат дека Апасиев е генијален, најде процеп во кој ќе балира големи пари. Јас, на пример, мислам обратно: Апасиев е стравичен медиокритет. Неговото зло е мултиплицирано и хипертрофирано зло на злобни јатрви, го знаете оној тип, „да даде Господ да му умре…“, или радувања од типот кога на комшијата ќе му умре козата, или уживање во палење на општински знамиња, или во подобар случај Собраниски канцеларии и слични пакости.
Тоа, се разбира, не ја намалува неговата политичка одговорност. Ако беа околностите во државата подобри, Апасиев во најлош случај ќе го тероризираше некој Правен факултет или некој Општински суд, како што Хитлер – ако германските околности од оние времиња беа подобри – ќе ширеше антисемитизам по горноавстриските крчми и биртии.
Работата со Апасев е јасна, кога ќе се изгубат вредностите или кога ќе се држат на конец – а вредностите не се ритуално изговарање и пишување на политички коректни мантри – тогаш на историската сцена се појавуваат – Библијата, Стариот завет, има убаво име за такви типови – „синови погибли“.
Вредностите, почитувани пријатели, не се теориска склоност да се чини добро, туку сила на злото да му се застане на пат.
Текстот е личен став на Авторот. Преземањето е дозволено според лиценцата Creative Commons 4.0.