Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска се сретна со новоименуваната амбасадорка на Република Грција, Софија Филипиду, информираат од Владата.
Како што истакнуваат, премиерот Ковачевски ѝ посакал топло добредојде на амбасадорката, и успешно извршување на должностите, со што се очекува продлабочување на билатералните односи, особено во делот на економската соработка и енергетиката.
Заемно беше истакнато значењето на „Преспанскиот договор“, кој отвори нова страница во билатералните односи меѓу двете држави, а воедно беше нагласен интересот и посветеноста на двете страни за негова целосна имплементација, што уште повеќе ќе ги зацврсти пријателските и партнерските врски меѓу Северна Македонија и Грција.
На средбата заеднички беше оценето дека во услови на енергетска криза обете страни имаат особен интерес за стратешките инвестиции во енергетиката, вклучително и зелената енергија. За негување на успешни економски врски помеѓу двете држави, како особено значајно беше посочено инвестирањето во патната инфраструктура, односно Коридорот 10.
Премиерот ја искористи приликата да ѝ упати на амбасадорката Филипиду особена благодарност до неговиот грчки колега премиерот Кирјакос Мицотакис, за огромната поддршка што Република Грција континуирано ѝ ја дава на Република Северна Македонија во нејзиниот евроинтеграциски процес.
На средбата обострано беше констатирано дека има услови за натамошно унапредување на односите меѓу двете држави, како во областа на енергетиката и економијата, така и во повеќе други области од значење за граѓаните.