Скопје, 21 октомври, 2021 година. Кандидатката за градоначалник Данела Арсовска влегува во градски автобус за лично да го искуси возењето низ главниот град. Позира пред камерите и фоторепортерите. Вели дека возењето е непријатно особено кога станува збор за дупките на улиците и шахтите низ централното градско подрачје. И додава дека таа ќе набави 250 нови еко-автобуси и тоа во првите 82 дена градоначалнички мандат.
„Од тука ќе започнат промените во јавниот градски превоз. Неопходно е Скопје да добие нови еко автобуси и бесплатен јавен превоз. Тоа е најбрзото и најсигурното решение за јавниот превоз во Скопје за разлика од Бас Рапид Транзит проектот што ќе значи дополнителни инфраструктурни проекти а реализацијата ќе трае со години“, изјави тогаш кандидатката за скопски градоначалник Данела Арсовска. „Со проектот за еко-автобуси целосно ќе се реши проблемот со градскиот превоз а во исто време ќе се направи ред за возење каде што интервалите на доаѓање на автобусите ќе се скуси за да биде превозот побрз и почест“, ветуваше таа. Арсовска посочи и дека за овие решенија не се потребни месеци ниту години туку се решаваат веднаш.
Скопје, 28 ноември, 2022 година. Вообичаениот сообраќаен метеж на почетокот на секоја работна седмица денес беше дополнет и со блокирање на раскрсницата крај трговскиот комплекс „Мавровка“ кон булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“. Приватните превозници организирани преку „Слобода Превоз“ кои досега беа дел од градскиот превоз во Скопје, одбиваат да возат и паркираа 30 автобуси со цел да го попречат сообраќајот. Официјалната причина за тоа е што наводно немаат нафта да стават во автобусите, бидејќи Градот Скопје им должи 1,5 милион евра кои не сака да им ги даде. Градоначалничката Арсовска пак тврди дека продавале билети а парите си ги ставале в џеб, а потоа секој месец му фактурирале на Јавното сообраќајни претпријатие по 400 илјади евра за секој извозен километар. Вели дека затајувале данок и дека така работеле во изминатите пет години.
Скопјани се „извозени“, излажани и разочарани.
Денешната ситуација е кулминација на повеќемесечните тензии меѓу градот и јавниот превоз. Поради долг кој не можеше да го наплати од ЈСП престанаа да сообраќаат и автобусите на вториот приватен автопревозник „Мак експрес“, па овие линии во меѓувреме беа заменети со автобусите на ЈСП. Пред неколку недели изби штрајк и во ЈСП поради неисплатена плата за еден месец, кој беше прекинат откако возачите и персоналот добија плата. Тогаш Арсовска рече дека штрајкот е политички мотивиран и е одмазда на ВМРО – ДПМНЕ против неа бидејќи им го сврте грбот.
Во центарот, пак, на денешните случувањата меѓу приватните автобуски превозници и градоначалничката на Скопје е Ленин Јовановски, директор на „Слобода Превоз“ и отворен поддржувач на рускиот претседател Путин за кого во март, неколку дена по воениот напад на Украина рече дека тој не бил воен злосторник туку само му помага на својот народ во Донбас „каде што се случува фашизам“.
Јовановски на обвинувањата дека затајувале данок и одговори на градоначалничката со видео во кое прикажува како влегува во градски автобус и на возачот му плаќа билет, но и покрај инсистирањето да добие фискална сметка, не ја добива бидејќи автобус нема соодветен апарат за издавање на таква потврда.
Потенцирањето на руските преференци на Јовановски не е со цел негово дискредитирање туку да се истакне фактот за сложениот политички амбиент кој го емитува македонската метропола и кој може да доведе до натамошна ескалација, во чија заднина е судирот на интереси меѓу политичките партии и бездруго нервозната градоначалничка Арсовска како централна фигура во овој изострен конфликт.
Ленин Јовановски беше еден од најголемите поддржувачи на Данела Арсовска во трката за градоначалник, близок е до ВМРО-ДПМНЕ, а беше и до неа.
„Овде сме собрани ние приватните превозници, ја блокиравме раскрсницата ‘Мавровка’ како последица од долгот што ЈСП не ни го плаќа и со тоа не доведе во состојба да не можеме да однесеме храна дома на семејствата. Градоначалничката на Скопје е исто така многу заслужна за оваа состојба. Особено со нејзините небулозни, лажни и тенденциозни изјави дека издаваме билети без фискална карта и дека затајуваме ДДВ“, изјави Јовановски на денешната блокада.
Приватните превозници во јавниот градски превоз учествуваат со над 200 автобуси, бројка која може да доведе до целосен колапс на градскиот превоз, што е секако вовед во парализирање на градот на комунален, економски и политички план, и порака дека државната метропола се наоѓа на периферијата на остварувањето на политичките ветувања.
Но ако Скопје не доби еко-автобуси и поефикасен градски превоз, сосема сигурно доби нови згради кои во последната деценија никнуваат на секој чекор, особено во централното градско подрачје, ставајќи ги жителите во подредена положба на инвеститорите кои освен плацевите за градење, ги окупираат и пешачките патеки со градежен материјал и опрема, а неретко и половина од улицата за движење. Пропаднатите тротоари, сообраќајната гужва, нечистите улици, чекањето на шалтери наместо ветената дигитализација, трките на моторџиите во летниот период, а загадувањето во зимскиот – се секојдневие за кое веќе не вреди ни да ги прозиваме градоначалниците. И сегашниот и сите претходни кои ја извршуваа оваа важна функција.
Соња Крамарска / НоваТВ