По уште една драма на Светското првенство Уругвај го заврши настапот во Катар и покрај победата против Гана од 2:0.
Јужна Кореја успеа да слави против Португалија со 2:1 со гол во самиот финиш и така на местото на Уругвајците патува во осминафиналето. Елиминацијата уругвајските фудбалери тешко ја поднесоа, па дури и ги нападнаа судиите.
Едисон Кавани во финишот беше соборен во шеснаесетникот и Уругвајците бараа пенал, сепак судијата Даниел Зиберт ја отфрли можноста да досуди најстрога казна, дури не сакаше ниту да гледа ВАР. По крајот на натпреварот Кавани, Годин и уште неколку репрезентативци жестоко го нападнаа и бараа објаснување. Судискиот тим мораше во тунелот да замине во придружба на обезбедувањето.
Извор: Слободен печат