Премиерот Димитар Ковачевски денеска учествуваше и говореше на Форум за родова еднаквост во организација на Министерството за труд и социјална политика и Фондацијата Фридрих Еберт.
Овој настан е во рамките на одбележувањето на 16 дена активизам против родово насилство.
„За родово базираното насилство говориме низ целата година. Говориме што правиме и што ќе правиме за време на 16-те дена активизам против родово насилство секој ноември. Говориме секој пат кога ќе прочитаме полициски билтен или новинарски напис. Говориме секогаш кога ќе чуеме дека тоа се случило на некој нам близок. Но она што сметам дека е најважно, е дека оваа Влада не работи само на говорењето за проблемите. Иако токму тоа говорење е најважно за подигнување на свеста и надминување на состојбите во кои се табуизира насилството врз жените и девојчињата, јас како прв во извршната власт, заедно со мојата Влада имам одговорност да направам што е можно повеќе системски измени во насока на спречување на насилството.
Нашите родови политики се прогресивни политики, и тие во овие пет години се гледаат од најразлични аспекти. Било да разговараме за новиот Закон за спречување на дискриминација, новиот Закон со кој се остварува правото на жената за безбеден прекин на бременоста и укинување на административните бариери кои го одолговлекуваа или пак за родовото буџетирање, сите тие се насочени кон обезбедување на безбедна и сигурна средина за жената во која може без притисок да донесе сопствена одлука.
Но, враќајќи се назад кон темата за родово насилство, важно е да кажеме дека ние сме една од првите земји кои ја ратификуваа и постапуваат по Истанбулската конвенција, но не запревме тука кога е во прашање основниот чекор односно усогласување на потребната легислатива која ќе овозможи мерки за справување со родовото насилство кое корелира со реалноста. Подготвивме и донесовме целосно нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Во овој закон целосно ги имплементираме одредбите од Истанбулската конвенција.
Нашиот фокус од сега и во иднина ќе биде на практичната примена на легислативата, бидејќи на сите во просторијава ни е јасно дека клучот за успешното справување со родовото насилство лежи во примената и механизмите кои ќе се унапредат во пракса.
Законот за родова еднаквост треба да ја зајакне положбата и статусот во општеството и да обезбеди еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општеството. Тој предвидува формирање на секретаријат чија основна намена е следење на мерките за родова еднаквост.
Случаите како „Јавна соба“ ни ги покажаа слабостите на системот но исто така ни покажаа дека санкционирањето и превенирањето се најважните алки во справувањето со родово базирано насилство. Пресудите на обвинетите во случајот „Јавна соба“ обесхрабруваат други повторни појави на вакви случаи, кон што придонесуваат и измените и воведувањето на дело „Демнење“ се предвидуваат строги санкции за вознемирување преку интернет.
Тоа значи дека секој што неовластено ќе следи, прогонува или ќе се меша во личниот живот на друго лице (вклучително и да воспостави несакан контакт) може да се казни со казна до три години затвор, и тоа верувам дека ќе направи пресвртница во слободата која досега ја чувствуваа оние кои без одговорност ги загорчуваа животите на многу жени и девојки, некои поради професијата, некои поради политичкиот или граѓанскиот активизам, и слично“ истакна Ковачевски