Во врска со дојавите за бомби кои деновиве повторно ги добиваат скопските училишта на своите електронски адреси, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека приоритет треба да ѝ се даде на истрагата.
Прашањето е, додаде тој, дали овие хибридни закани доаѓаат од еден или од повеќе центри.
„Веќе многу е распространето не само кај нас, туку и во соседството. Сега имаше дојави и во други држави на ЕУ и сето тоа се зголеми после руската инвазија на Украина“, изјави Спасовски, посочувајќи дека има осомничени.
За денешните дојави за бомби министерот информира дека е во тек проверката за Крива Паланка, а за дојавата за бомба во основно училиште во Петровец, појасни дека се работи за вчерашна дојава стигната на меил на директорката на училиштето.
„Директорката вчера воопшто не го видела мејлот и не го пријавила, дури денеска го видела и пријавила. Бидејќи имаме повеќе училишта со име „Кочо Рацин” моравме да извршиме проверка кај сите нив“, рече тој.
Тој кажа дека ќе треба да се размисли овие објекти да имаат обезбедување, бидејќи само во едно од средните училишта во Скопје кое има свое обезбедување, досега немало дојава за бомба.
„Според информациите коишто ги имаме, само едно од средните училишта има свое обезбедување и таму не се појави никогаш пријава дека има лажна дојава за бомба. Нормално е дека приоритет ѝ се дава на истрагата и веднаш после завршување на вештачењето ќе има реализација во овој дел“, рече министерот.
Спасовски повтори дека дојавите доаѓаат најчесто од заштитени адреси од странство од каде е тешко да се дојде до факти и информации, поради што и не може да се покрене постапка. МВР комуницира со партнерските организации и преку меѓународна правна помош ќе мора да се обезбедат потребните информации и податоци.
Нови дојави за бомби денеска стасаа во три скопски основни училишта и едно во Крива Паланка. Вчера за прв пат дојави добија и основни училишта, односно „Кочо Рацин“ на Водњанска, како и „Петар Поп Арсов“ во Карпош.
Вчера имаше дојава за бомба и во осум училишта за средно образование во Скопје, деветта по ред. Првата дојава се случи на 26 октомври, кога пет училишта експресно се испразнија заради мејл со закана испратен од извесна „Нова ера“.
Извор: МЕТА