ЦИВИЛ – Центар за слобода со години интензивно ја следи корупцијата, со посебен фокус на политичката корупција. Мониторингот најчесто е дел од долгорочниот мониторинг на состојбата на човековите права, политичките, а особено изборните процеси. За жал, корупцијата е составен дел од политичкото или поконкретно партиското битисување и обидите да се соберат политички поени и стекнување со неприкосновена моќ за одржување на власта. Изборите се окосница на сите политички процеси и се јасен показател како (ќе) изгледа практикувањето на власта.
Државите формираат институции што се борат проти корупцијата. Антикорупционерите, во принцип, треба да се неутрални, објективни и вистински независни од политички, бизнис, институционални, партиски и други влијанија. Како контролори, тие имаат право да покренуваат истраги од кои не смеат да бидат имуни функционерите, вклучително и претседателот или премиерот на една држава.
Сегашниот состав на Државната комисија за спречување на корупција се формираше на 8 февруари 2019 година. На нејзиното формирање претходеше ново законско решение што предвидува повисоки ингеренции на членовите на Државната комисија за спречување на корупција, што подразбира и увид во сметките на политичките парии и ревизорските извештаи и покренување на постапки пред надлежните органи по однос на наодите од партиските финансирања. Она што беше клучно во самите измени беше неможноста членови на Антикорупциска да бидат поранешни пратеници, членови на Влада или политичка партија, но ниту оние што некогаш биле донатори на некоја политичка партија.
Овие мерки се преземаа поради, во тоа време, високиот степен на корупција во Антикорупциска, со оглед дека самиот поранешен претседател Игор Тантуровски ја отсликуваше реалната функција на ДКСК низ годините. ЦИВИЛ пишуваше за конфликтот на интереси и двојната функција на Тантуровски, како претседател на ДКСК и заменик претседател на ЈЗУ Здравствен дом Железничар, како и за неговите невистинити околу ревизорскиот извештај за 2017 година, конечна верзија на 26 јануари 2018. Според, информациите базирани врз наодите на овој извештај, ЦИВИЛ, тогаш, посочи дека се извршени исплати врз основа на неверодостојни патни налози, при што ненаменски се исплатени буџетски средства, нема евиденција за работното време на членовите на ДКСК, неверодостојни патни налози, нејасна употреба на возила во лична сопственост за службени цели, нема процедура за репрезентација, а исплатени се репрезентативни трошоци…, за кои во медиумите Тантуровски тврдеше дека се извадени од контекст и дека не се чувствува одговорен.
Како свој придонес во борбата против корупцијата ЦИВИЛ објави публикација за антикорупцијата односно предизвиците што ги носи борбата против корупцијата. Публикацијата претставува избор од содржини објавени во рубриката МИСЛА на www.civilmedia.mk од крајот на 2017 до средината на ноември, 2018 година.
Сегашниот состав на ДКСК се соочи со многу предизвици, пред се што нивното формирање се совпадна со претседателските избори во 2019 година, предвремените парламентарни избори во 2020 и локалните избори во 2021, период од три години на разобличување случаи поврзани со политичкото финансирање и корупцијата. Исто така, ЦИВИЛ во своето мониторирање на изборните процеси, посвети големо внимание и на политичкото финансирање и индикациите за корупција.
ЦИВИЛ останува буден и активен, како во мониторингот, така и во преземањето конкретни чекори и иницијативи во насока на јакнење на јавната свест и барање за целосна посветеност во борбата против корупцијата.
ЦИВИЛ уште еднаш ја упатува пораката: Борбата против корупцијата е борба за демократија и човекови права и слободи!
Б. Јордановска
Извор: ЦИВИЛ Медиа