Приватните превозници попладнево ги повлекоа автобусите со коишто го блокираа булеварот „Илинден” во делот од фонтаната „Лотос” во Градски парк до крстосницата кај ГОБ „8 Септември”, и посочуваат дека чекаат премиерот Димитар Ковачевски да ги повика на разговор.
Премиерот Ковачевски денеска изјави дека ќе го прифати барањето за средба, но откако ќе се создадат услови за дијалог и тие ги отстранат блокадите од улиците на главниот град.
Претходно, Ленин Јовановски од „Слобода превоз” изјави дека сите автобуси што се на улицата ќе се повлечат за да му се даде простор на дијалогот кој го предлага Ковачевски и е основа за средба на која, како што и самиот премиер спомена, ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за целата оваа состојба.
Се прифаќа идејата ние како претставници на приватните превозници кои располагаме со таа документација, да ја презентираме на таа средба, прифаќаме и инсистираме на таа средба да има претставници и од Град Скопје, но и од ЈСП каде што пред него ќе ги соочиме аргументите со кои располагаат сите три страни, истакна Јовановски, додавајќи дека тие како приватни превозници ќе изготват ново барање во контекст на она што го кажал Ковачевски и ќе ги исполнат сите негови сугестии.
Две недели Скопје беше во целосен сообраќаен хаос, а градоначалничката Данела Арсовска немаше слух за наоѓање решение за барањата на превозниците. Дури Градот Скопје објави нов оглас за избор на друг превозник, откако им ја одзема лиценцата за работа на „Слобода превоз“.
Додека приватните превозници бараат ЈСП да им го иплати долгот од над еден милион евра, Арсовска тврди дека таков долг кон нив ова јавно претпријатие нема и ги обвинуваше за недомаќинско работење.
Приватните превозници од „Слобода превоз” и „Макекспрес” започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај Мавровка, односно на булеварите „Гоце Делчев” и „Крсте Петков Мисирков”, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.
Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година направија поголема блокада со поставување на околу 200 автобуси на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ „Мавровка”, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден”. Во петокот ги одблокираа крстосниците кај Мавровка и Црвениот крст и најавија дека блокадите ќе продолжат само пред бараките на Град Скопје се додека не се најде решение за нивниот проблем.