Во ЕУ годишно има околу 7.000 жртви на трговија со луѓе, а тоа е само врвот на ледениот брег, изјави денеска европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон. Таа презентираше предлози за промени во европските правила за да се постигне подобра борба против оваа појава.
Според податоците на ЕК, штетата предизвикана од трговијата со луѓе во ЕУ е околу 2,7 милијарди евра годишно. Јохансон истакна дека најголем дел од жртвите на трговија со луѓе се жени и деца, граѓани на ЕУ, а најчесто тие стануваат жртви на сексуална експлоатација.
ЕК предлага во иднина намерното користење на услуги од страна на луѓе кои се жртви на трговија со луѓе, како и присилните бракови и нелегалните посвојувања, да се прогласат за кривично дело. Расте бројот на криминалци, но не и на обвинети за трговија со луѓе, рече Јохансон.
Комисијата, исто така, предлага Евростат да собира годишни податоци за трговијата со луѓе во ЕУ. Новите предлози се очекува да бидат оценети од Советот на ЕУ и Европскиот парламент.
Податоците на ЕК покажуваат дека најчести жртви на трговија со луѓе се државјаните на Романија, Франција, Италија, Бугарија и Полска од земјите на ЕУ, а меѓу другите земји од Нигерија, Кина, Молдавија, Пакистан и Мароко