Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во периодот јануари-ноември има реализирано 1928 инспекциски надзори, што е надминување за 20,9 отсто во однос на планираното. Изготвени се 393 решенија, а изречени се 63 прекршочни санкции и една кривична пријава, при што во буџетот на државата се влеани над 300.000 евра од изречени казни и спогодби со физички и правни лица.
Како што информира на денешната прес-конференција директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојановски, во овој период издадена е и интегрирана еколошка дозвола за РЕК „Битола“ со оперативен план за подобрување, а во тек е и одобрување на елаборати за повеќе хотели кои се наоѓаат во регионот на Мавровското Езеро, за што вели имаат голем притисок од јавноста.
– Веќе почнуваат да се одобруваат елаборатите и поставувањето на пречистителни станици. Во регионот на Маврово веќе имаме општински инспектор за животна средина, така што очекуваме да има подобрување во делот на животната средина и комуналните работи, рече Стојановски.
Тој информира дека за една година од неговото раководење со Инспекторатот, изречени се прекршочни санкции за правни и физички лица во износ од над 600.000 евра. Во тек се инспекциски надзори и постапки за спогодување за ненаплатен надоместок за користење на води и одведување на отпадни води со јавни водостопански претпријатија за периодот од 2011 година, до денес.
– Само три јавни претпријатија должат над три милиони евра, за што врз основа на ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија на тема „Даноци за животна средина во функција на ефективно спроведување на политиките за заштита на животна средина“ за неплатените надоместоци, постапуваат надлежните институции за неплатени даноци, вели Стојановски, најавувајќи дека и следната година се планирани активности во делот на спречување на нелегално користење на природните ресурси од водотеците и реките.
Тој информира и за казна изречена на фирма од Кавадарци за ископ на песок на реката Вардар кај Демир Капија, која што немала дозвола за ископување. Државниот инспекторат ја има затекнато фирмата како копа на надворешното корито, по што таа потпишала записник за спогодување, кој е доставен до Комисијата во МЖСПП и правното лице ќе биде повикано на спогодување.
Инаку, Инспекторатот кој денеска одбележува 26 години од формирањето, за 2023 година ќе има Буџетот од 36.275.000 денари, од кои за плати и надоместоци 22.180.000 денари, а дел ќе одат за реформите во инспекцискиот систем за животна средина.
Во Инспекторатот од предвидените 53 вработувања согласно утврдената систематизација, во моментов се вработени 24 лица, од кои 22 инспектори, еден административец и директорот. Во делот на вработувањата во тек е постапка за шест нови вработувања од кои тројца инспектори, како и интерни огласи за унапредување на вработени. Со Планот за следната година кој се чека да биде одобрен од МЖСПП, предвидени се пет нови вработувања, од кои еден за инспектор, како и три интерни огласи за унапредувања.
Со измени направен во систематизацијата, во рамки на Инспекторатот е формиран нов сектор за инспекциски надзор во природа.
Подготвени се и на веб страницата се објавени и годишните планови за работа на Инспекторатот за 2023 година, за генеричка обука на администрацијата, како и годишните планови за вработување и за спречување на корупцијата. Извршени се и сите планирани набавки, меѓу другото и набавка на два сервера за надградба на базата на податоци, како и за набавка на електронски потписи за зајакнување на кибер безбедноста.
Следната година, ќе се реализира и твининг проект финансиран од ЕУ, во рамки на кој ќе бидат изработени и стратешки документи и подзаконски акти кои произлегуваат како обврска од новиот Закон за инспекциски надзор. Веќе се изработени два предлог документи – Правилниот за годишен план во кој се вклучени ДИЖС и општинските инспектори за животна средина и Трошковник надвор од редовните инспекциски надзори.