Нов закон за Медиумската информативна агенција (МИА), враќање на одземениот буџетот и негово зголемување за наредната година и итна поддршка во напорите да се изнајде решение за непречено функционирање на странските дописништва на МИА, кои што се првиот филтер и алатка во борбата против дезинформациите, беше побарано денеска на прес-конференцијата на Здружението на новинари (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите (ССНМ) посветена на финансиската состојба на државната агенција.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски подвлече дека потребна е итна поддршка во напорите да се изнајде решение за непречено функционирање на странските дописништва на МИА и наместо затворање на постоечките дописништва потребно е уште посилна мрежа на дописници, кои ќе работат во интерес на јавноста и во придонес на медиумскиот плурализам за прашања од јавен интерес за граѓаните.
-МИА како генератор на вести и информативен сервис на граѓаните, треба да биде првиот филтер на информации за широката јавност и клучна алатка за борба против дезинформациите кои претставуваат се поголем проблем посебно во ерата на дигиталните медиуми. Затоа е нужно МИА да има силна дописничка мрежа не само во Македонија туку и од важните центри на случувања во светот и на Балканот.
Чадиковски рече дека со укинување на дописната мрежа на МИА од Брисел, Вашингтон и Атина директно се влијае и на нарушување на професионалните стандарди на новинарите, со што се губи објективноста при информирањето, се појавува ризик од непроверени, а со тоа и неточни информации.
-На крајот жртви ќе бидат граѓаните и јавниот интерес, зошто единствен канал за информирање од овие земји ќе бидат странските канали, затоа Владата нужно е да има разбирање за овој проблем и итно да реагира со цел да се превенира штета, затоа бараме веднаш враќање на парите потребни за нормално функционирање на МИА.
Чадиковски подвлече дека е потребен и нов закон за МИА и оти ЗНМ, во своите редовни анализи кои ги изработува и кои се јавно достапни, пред речиси две години констатира дека законското решение кое се однесува на МИА е лошо и дека лесно може да се влијае на финансиската состојба на оваа агенција што и беше мотив за оваа денешна прес-конференција.
-Владата има директно влијание во изборот на управувачките тела на МИА, што претставува проблем погледнато од аспект на независноста на медиумите од политичките центри на моќ. Така, Владата има дискрециско право во изборот и реизборот на директорот, односно на главниот и одговорен уредник и на членовите на Надзорниот одбор, а со тоа и влијание врз изборот на членовите на Управниот одбор. Тоа потенцијално значи дека Владата би можела да има влијание и врз уредувачката политика на медиумот посебно кога и Владата може да одлучи кога и колку пари ќе даде на МИА, како што е сегашниот случај, рече Чадиковски.
ЗНМ, додаде тој, е на ставот дека најсоодветен начин на организација на МИА е по примерот на јавниот сервис Македонската радио-телевизија, чиј основач и надлежна институција пред која полага одговорност е Собранието и оти во таа насока потребни се законски измени со кои ќе се гарантира дека владата нема да има влијание во изборот на менаџментот во МИА, а истовремено ќе се обезбеди модел со кој ќе се гарантира финансиската независност во работата на оваа агенција, која во моментов е под капа на Владата, а треба да биде државна.




