Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска имаше проштална средба со германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн, на која двајцата соговорници се согласија дека изминатите 30 години Северна Македонија и Германија остваруваат високо ниво на партнерски односи, кои ги карактеризира пријателство, меѓусебна доверба и почит, пренесува МИА.
Како што соопшти МНР, Османи изрази особено задоволство од досегашниот ангажман на амбасадорката Холштајн во Северна Македонија и нејзиниот придонес во развојот на билатералните односи меѓу двете земји.
– На средбата, министерот Османи ја истакна важноста на Берлинскиот процес во поддршката на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан со цел поскоро приклучување кон европското семејство, истакнувајќи го притоа значењето на потпишаните договори за време на Самитот на лидери на земјите од Западен Балкан, за кои на Северна Македонија и е доверена депозитарната функција, се наведува во соопштението.
Амбасадорката Холштајн, пак, потврди дека Германија ќе продолжи силно и одлучно да ја поддржува европската иднина на Северна Македонија, изразувајќи задоволство од големите надворешно-политички чекори кои ги постигна земјата за отпочнување на пристапните преговори.
Голем дел од разговорот беше посветен на актуелното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во текот на 2023 година. Безбедносните прашања, руската инвазија врз Украина и последиците со кои европските земји се соочуваат, исто така беа предмет на дискусија меѓу двајцата соговорници, кои ја истакнаа важноста на НАТО за зачувување на евро-атлантската безбедност, стои во соопштението на МНР