Новата година ја започнуваме со уште една трансплантација на црн дроб, на бубрези и на коскени ткива, информираат од Министерството за здравство.
Оттаму велат дека рано утрово на Хируршките клиники започна експлантацијата на органите, откако вчера попладне семејството на пациентка во мозочна смрт даде согласност за донирање.
„Нивната желба да подарат некому живот и здравје, денес донесе трансплантација на црн дроб, два бубрези и на коскени ткива. Благодарност до семејството од мое име и од името на сите екипи кои во изминативе 24 часа работеа и продолжуваат да работат, истакна министерот за здравство д-р Беким Сали.
Тој истовремено искажа благодарност до сите медицински екипи кои изминатите часови работеа на подготовка на донорот, на реципиентите и во операциските сали.
„Нè радува тоа што се повеќе семејства се одлучуваат да ги донираат органите и да спасат некому живот. Новата година ја започнуваме со акт на хуманост и добрина. Со надеж и верба“, потенцира Сали.