Носителите на „МКарта“ нема да имаат привилегии на дипломати. Единствено симболична порака е дека ќе им го олесниме доаѓањето во државата за да дојдат и да се вклучат во нашиот развој, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот појасни дека нашите амбасади ги идентификуваат овие луѓе и ги предлагаат во Министерството.
– Едноставно да биде доказ дека тие се дел од нашата мрежа на успешни луѓе во дијаспората и луѓето прифатија да бидат дел од носители на „МКарта“ без никакви привилегии, рече Османи, додавајќи дека станува збор за исклучителни луѓе од различни сектори кои можат да бидат ставени во функција на нашиот развој.
Идејата, според Османи, е да се направи мрежа на тие луѓе со кои ќе имаат постојано контакт и да се состануваат еднаш годишно во вид на конференција и семинири, а во текот на годината да бидат вклучени во различните работни групи низ државата.
-Јас ветив дека ќе можат да се прават одредени симболични мерки, повеќе како почит кон нив отколку дека тоа на нив суштински ќе им значи. Сме обезбедиле тие што се носители на „МКарта“ кога ќе дојдат в државата да влезат во музеите бесплатно. Симболиката која сакаме да им ја покажеме дека ни направија чест што ги оставаат нивните ангажмани таму и во тој пакет на мерки рековме да се искористат и така постоечките брзи траки кои се за носители на дипломатски пасоши и ги замоливме од МВР овие карти да бидат искористени, рече Османи.