Главната расправа за предметот „Тендери“ насрочена за утре се презакажува за 16 февруари, бидејќи предметот со сите списи сè уште не се вратени од надлежното Биро за судски вештачења, информираат денеска од Основниот кривичен суд Скопје.
– Имено, заради претходно изведени два спротивставени вешти наоди, а заради доследно почитување на одредбите од ЗКП, Судот на 06.04.2022 година предметот го достави на надлежно постапување во Бирото за судски вештачење со наредба за изготвување на супервештачење од областа на градежништво и урбанизам. Со оглед да предметот се уште не е вратен во Судот и досега се отповикани седум насрочени расправи, а воедно Судот во два наврати се има обратено до Бирото со барање за прецизирање на рок – кога наодот ќе биде изготвен, за што немаме добиено одговор, Кривичниот суд денеска по трет пат се обрати до Бирото за судски вештачење со известување дека доколку до 31.01.2023 година предметот со сите списи и изготвениот вешт наод и мислење не биде вратен во судот, или не биде доставен образложен извештај зошто наодот се уште не е изготвен и кога истиот ќе биде завршен, судот ќе ја искористи Законската можност за парична казна на надлежната институција согласно член 237 ст.3 од ЗКП, се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.
За одолговлекувањето на постапката како и за сите дописи доставени до Бирото, од Судот информираат дека ќе ги известат Министерството за правда и Судскиот совет.
– Бирото за судски вештачења, но и целокупната јавност мора да ја имаат предвид комплексноста на предметот, интересот на медиумите и невладините организации за истиот, Уставно загарантираните права и обврзи на странките во постапката и пред се начелото за судење во разумен рок кој судот е должен да го почитува, па заради тоа неможе да се дозволат дополнителни неосновани одолговлекувања на постапката, се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје