Судот на грчкиот остров Лезбос денеска ја прекина постапката против 24 хуманитарни работници на островот, обвинети за шпионажа, со што заврши спорниот судски процес што беше критикуван од ОН и невладините организации кои го осудија обвинувањето волонтери кои им помагаат на имигрантите.
Судот во Митилини, најголемиот град на островот во Егејското Море, соопшти дека ја донел одлуката поради процедурални пропусти.
Но, во Грција се уште е во тек друга постапка против истите хуманитарни работници поради криумчарење мигранти, перење пари и измама.
– Ова не е правда! Правда ќе беше ако бевме ослободени!, рече Шон Бајндер, еден од главните обвинети.
Волонтерите кои беа обвинети им помагаа на мигрантите на Лезбос, една од главните влезни точки за бегалците во Европа, каде што стотици илјади се собраа од 2015 година, бегајќи особено од конфликтот на Блискиот Исток.
Меѓу обвинетите е и младата Сиријка Сара Мардини, која со нејзината сестра, олимписка пливачка Јусра, инспирирала филм на Нетфликс за нивното бегство во Европа. Како бегалец во Берлин, по одисеја од Дамаск во Германија во 2015 година со нејзината сестра, таа се вратила во Грција како волонтер на невладината организација ERCI.
Уапсена во 2018 година, таа помина три месеци во затвор пред да биде ослободена со кауција. Таа денеска не беше во судница, а не можеше ниту да присуствува на почетокот на судењето во ноември 2021 година поради забраната за влез во Грција.
Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации претходно побара од грчкото правосудство да ги отфрли сите обвиненија против хуманитарците, Европскиот парламент го претстави судењето како „најголем случај на криминализација на солидарноста во Европа“, а Амнести интернешнал го нарече „фарса“.
Невладината организација „Хјуман рајтс воч“ го критикуваше кривичното гонење, бидејќи е покренато врз основа на полициски извештаи кои содржат фактички грешки.
Во Стразбур, Советот на Европа ја критикуваше „непријателската средина“ во Грција кон бранителите на човековите права. – Ги повикувам грчките власти да се погрижат бранителите на човекови права да работат во целосна безбедност и слобода, рече комесарот за човекови права на организацијата, Дуња Мијатовиќ.
Кривичните постапки против хуманитарците, започнати во 2018 година, доведоа до тоа повеќето невладини организации за спасување мигранти да ги прекинат своите активности на море во Грција.
Извор: МИА