Утринава во Днипро, Украина беше извлечено тело на дете од под урнатините на станбена зграда, која беше уништена од руски проектил на 14 јануари, пренесува Укринформ.
„Во 09:46 часот извлечено е тело на дете од под урнатините на уништената четирикатна станбена зграда“, напиша заменик-шефот на кабинетот на претседателот, Кирило Тимошенко.
Според него, бројот на загинати достигна 41 лице, вклучувајќи четири деца, а повредени се 79 лица, од кои 16 деца. Спасени се 39 лица, меѓу кои шест деца.
Градоначалникот на Днипро, Борис Филатов, подоцна од лице место извести дека се пронајдени повеќе тела, така што бројот на загинати се искачи до 44 лица. Утрово се пријавени нови 25 лица за исчезнати.
Инаку, како што соопштуваат украинските медиуми, на 14 јануари во Днипро, руска ракета погоди станбен блок при што беа уништени 72 станови.
Акцијата за пребарување и спасување е во тек, а речиси целиот терен со остатоци од гранатирањето е пребаран.
Подготви: А.Р.