Проектот „Клин брет“ („CleanBREATHE“), мешано истражување за загадувањето на воздухот со помош на технички и едукативни решенија, има за цел да го направи загадениот воздух видлив и да иницира долгорочни промени во однесувањето на општествените чинители.
– Проектот се одвива помеѓу Магдебург – Стендал Универзитетот од Германија и УКИМ-ФИНКИ од Македонија, каде се вклучени креаторите на платформите за визуализација на аерозагадување, Pulse.Eco1 и AirCare2 и О2 Иницијатива, здружение што се залага за зголемена свест за аерозагадувањето и неговото намалување преку системски пристап, информираа попладнево од О2 Иницијатива.
Целите на проектот за намалување на загадувањето на воздухот, како што наведуваат оттаму, се создавање граѓанска свест и одржливо прилагодување на однесувањето во двете земји, Македонија и Германија, како модел за цела Европа, преку пристап на науката за критички дизајн, потоа дизајнирање и планирање на сензорски мрежи, нови пристапи за сензори за мобилни уреди и алгоритми за предвидување на вештачката интелигенција, како и развивање на нови деловни модели што имаат за цел да помогнат на бизнисите со свесно однесување за животната средина.
Како што е предвидено, проектот ќе организира работилници за граѓаните и студентите за подигање на свеста за темата и зголемување на учеството во процесот на собирање податоци.
Во декември се реализирала заедничка работилница со 16 студенти од Германија и Македонија, што создала идеи за јавна инсталација, што може да се искористи за подигање на свеста за загадувањето на воздухот во Магдебург и Скопје.
Извор: МИА