Австрискиот претседател, Александар Ван дер Белен за време на неговата посета на Буча, регионот на Кијив, рече дека злосторствата против човештвото извршени од руските војници не смеат да останат неказнети, пренесува Укринформ.
„Овде во Буча тагувам за секој поединечен живот уништен од оваа страшна војна на агресија. Овие злосторства против човештвото, против сѐ за што се залагаме, не смеат да бидат заборавени и не смеат да останат неказнети“, напиша Ван дер Белен на твитер.
Here in #Bucha, I mourn for every single life destroyed by this terrible war of aggression.
These crimes against humanity, against everything we stand for, must not be forgotten and must not go unpunished. (vdb) pic.twitter.com/UdRBhZ59Bd
— A. Van der Bellen (@vanderbellen) February 1, 2023
Според АПА, австрискиот претседател ја започнал својата посета на Украина со патување во Буча, каде што го посетил местото на масовната гробница на Украинците, кои беа мачени и убиени во предградието на Кијив, во близина на црквата „Св. Првоповиканиот апостол Андреј“. Ван дер Белен таму разговарал и со локалниот свештеник, кој му раскажувал за злосторствата извршени од руската војска во Буча.
Исто така, Ван дер Белен го посети и училиштето, чиј покрив беше поправен благодарение на помошта на Австрија.
Според агенцијата, во Буча, австриската хуманитарна организација „Volkshilfe“ работи со локален партнер за да им помогне на луѓето да ги поправат своите станови и куќи – на пример, замена на прозорци, стакло или врати, како и поправка на оштетените покриви и ѕидови. Речиси 700 семејства веќе добија ваква помош. Училиштата и градинките исто така може да сметаат на помош.
Во исто време, австрискиот Црвен крст ги поддржува своите украински колеги во областа на општата медицинска нега, на пример, со обезбедување амбулантни возила. Институтот за педијатрија, акушерство и гинекологија во Киев ќе добие уште два генератори, како и друга опрема што ќе помогне во поддршката на работата на женската и детската клиника.
Според АПА, австриската делегација предводена од претседателот пристигна во Украина со конкретна помош, носејќи особено генератори на струја, како и материјали за изградба на 200 куќи обезбедени од „Wienerberger Group“.
Подготви: А. Р.