Најмалку 13 лица загинаа вчера во повеќе од 200 шумски пожари во централниот дел на Чиле погодени од интензивен топлотен бран, соопштија властите, прогласувајќи состојба на катастрофа во неколку региони.
Жалиме за вкупно 13 загинати, од кои 11 во градот Санта Хуана (регион Биобио), и за пилотот од Боливија и механичарот од Чиле кои се урнаа во хеликоптерот што ги гасеше пожарите, изјави Маурицио Тапија, заменик директор на Националната служба за превенција и одговор при катастрофи.
Авионот се урна во секторот Галварино, во регионот Ла Арауканија. Властите идентификуваа 22 повредени, од кои осум се во тешка состојба, додавајќи дека повеќе од 200 пожари досега опустошиле над 40.000 хектари земјиште и целосно уништиле 97 куќи.
Од 204 активни пожари, 56 се надвор од контрола. Овие пожари се случуваат за време на екстремен топлотен бран со температури околу 40 степени Целзиусови, поради што властите стравуваат од катастрофа како онаа во 2017 година. Уништени се куќи и опустошени 467.000 хектари земјиште.
Како и во претходната катастрофа, пожарите избувнаа во земјоделски подрачја и шуми пред да се прошират и да бидат опасност за населените места. Чилеанската Влада прогласи состојба на катастрофа во регионите Оубле и Биобио (во централниот дел на државата). Претседателот Габриел Бориќ го прекина својот одмор за да отпатува во градот Консепсион, во регионот Биобио, потоа во Оубле, објави тој на Твитер.