По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес поднесе Обвинителен акт против 30-годишен велешанец, за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, како и за Неукажување помош на лице пвредено во сообраќајна незгода од член 301 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, на 17.12.2022 година, управувајќи автомобил „Мерцедес“ по улицата „Борис Трајковски“ во Велес, не се придржувал кон сообраќајните прописи, со што го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.
-Иако бил во алкохолизирана состојба, тој управувал со автомобилот, па приоѓајќи во близина на обележан пешачки премин, не ги почитувал сообраќајните знаци. Возел со брзина од околу 68 километри на час, што е повеќе од двојно над дозволената брзина на критичниот дел од патот, каде постоел и сообраќаен знак за максимално дозволена брзина од 30 километри на час. Обвинетиот не обрнал внимание на пешаците и со автомобилот удрил во мајка и ќерка кои во тој момент поминувале преку обележаниот пешачки премин. Од ударот мајката се здобила со телесна повреда на челото. Девојчето, пак, било исфрлено 10-тина метри напред, до следниот пешачки премин, каде паднало на земја, се здобило со бројни тешки повреди во пределот на главата и екстремитетите и починало.
Наместо да застане и да им помогне на жртвите, обвинетиот со несмалена брзина продолжил да вози во правец кон населбата Превалец. Обвинителниот акт е поткрепен со изјави на сведоци на настанот, фотодокументација и видео записи од камери на неколку околни објекти, како и со повеќе вештачења извршени по наредба на јавниот обвинител.
По несреќата, обвинетиот го оставил автомобилот на место подалеку од својот дом и го исклучил мобилниот телефон, па не бил достапен до 19.12.2022 година кога се предал на органите на прогонот. Ова за јавниот обвинител неспорно го потврдува стравот дека доколку се брани од слобода, тој би можел повторно да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Освен тоа, нему претходно веќе му биле изречени две прекршочни казни за забрана за управување со моторно возило поради алкохолизираност, кои не ги почитувал, што упатува на веројатност да го повтори кривичното дело. Со тие аргументи, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Велес достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор спрема обвинетиот, соопштуваат од ОЈО Велес.