Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Постои таа романтична, прогресистичка заблуда дека младите луѓе заради самиот факт дека се млади се и прогресивни. Тоа, се разбира, не мора секогаш да биде така. Напротив, колку и да се напредни, можат да бидат и најголеми фанатици во обратна смисла.
Ме загрижува тоа што во име на бунтот, најчесто се лепат на екстремно десни идеи. И тоа е спротивно од секој европски и светски тренд. Најчесто младите се инструментариум за секој тоталитаризам, за секое зло. Сигурно не верувате дека „Ес-Ес“ единиците беа составени од некои средовечни „чичиња“? Се разбира дека тоа беа луѓе од дваесет и нешто години. Притоа, денес таа младина се повикува на светот на дедовците, тоа е страшно одвратен парохијален свет исполнет со многу зло. Тоа е најординарен социо-културен конформизам: појавно изгледаат фенси, користат јутјубови, ајфони и останати тракатанци, ни се претставуваат за „инфлуенсери“, ама светот што во главите го носат е десничарски, конзервативен и тоталитарен.
Имено, да се вратиме на „темата на денот“. Пред извесно време се отвори опасна „ларма“ за интервјуто на Латас со некој бизарен „јутуб(л)ер“ Лазаров. Го слушнавме сите тоа контраверзно и длабоко пореметено фрик-шоу на еден бивш медиумски могул од времето на Груевски и водител – младо момче Лазаров кое е тука само „да се зеза, брка лајкови и лови сојки“.
Па, добро, што е тука спорно, некој ќе рече? Спорно е сè, а најмногу е спорен коментарот на Драган Павловиќ – Латас, а тој гласи: „имав еден познаник од Кисела Вода, беше многу насилен и тепаше девојки за да има секс, тој беше син на моќен полициски инспектор, па го штитеа. Еднаш кога имав 14-15 години ме зеде со себе и ме втера во автомобил, Фичо, таму седеше гола девојка, целата распарталена и ми рече ајде работи“.
На ова сведоштво, младиот Лазаров, кој е тука „да се зеза, брка лајкови и лови сојки“, не виде ништо спорно, па почна да се кези, кикоти и смее (ах! тој типичен младешки цинизам и инфантилизам!), признавајќи му го фраерлукот на Латас, стариот медиумски манипулатор и заводник. Не само што во детството Латас „силувал силувана“ (дали под закана и страв од инспекторот?), туку во интервјуто го користеше и младиот Лазаров според образецот на инспекторот: го користи подкаст-каналот за лична рехабилитација на неговата длабоко извалкана и упропастена медиумска работа. Благодарение на јавноста, Хелсиншкиот комитет, некои важни активистки и борки за женски права, направија толкав јавен притисок што двајцата нечувствителни, напалени и ултра-нарциосоидни „актери“ беа констернирани и осудени заради својата гнасна и перверзна игра.
А што е во суштина проблемот на целото сиже од интервјуто Латас-Лазаров? Се работи за тоа дека во својата несвесност, поттикнуваат и мотивираат силување на жената како нешто нормално, како нешто кое се подразбира. И не знам дали приметувате? Секогаш, ама секогаш, ваквите наративи доаѓаат од десните, конзервативни струи и гласови. Од една страна се колнат во „семејните вредности“, ама кога ќе прочепкаш што практично тоа за нив значи, јасно ќе видиш дека жената за нив не претставува ништо освен алатка која треба да ги задоволи нивните примордијални потреби. (Покрај тоа што треба само да раѓа, да им ги пере смрдливите гаќи, да пегла и да остане дома).
Погледајте ја само таа црна хроника, прочитајте ги тие полициски билтени за секојдневното насилството кон жената. И би требало да ви стане јасно.
А, добро, некој ќе рече: кој е најкраткиот одговор на ова лудо интервју? Па, тоа, дека се несвесни за жените, несвесни се за човечката слобода – а внатре во неа – женската слобода! Кога е женската слобода најзагрозена? Токму тогаш кога ѝ се негира оној универзален, човечки аспект – затоа што рамноправноста помеѓу мажите и жените извира токму од свеста дека се работи за биолошки различни, ама длабоко еднакоправни и еднаквовредни човечки битија. И ако на силување си бесчувствителен, а таа бесчувствителност ја браниш со „машкиот фраерлук“, тогаш е сосема во право јавноста да те третира како закана дури и за јавното здравје на нацијата.
Ова интервју, натаму, длабоко има врска и со самата партија на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Латас е нивни кадар, во интервјуто не скрива дека бил десничар, традиционалист, конзервативец. Некој може да рече, а што пак во тоа има некаков проблем? Уште од деведесетите години таа партија се оформи од една врста на антисистемско подземје. ВМРО-ДПМНЕ во своето јадро негува слобода и либерализам само како нешто привремено, нешто кое е од надвор, нешто кое ни е увезено, нешто кое е наметнато, нешто кое странците ни го задале како надворешен образец. Гледате и сами дека Латас кога се брани, секогаш слободата ја третира како „соросоидна“, западна, ја третира како нешто туѓо, наметнато. Ама нивниот идеал, во суштина, е спротивен на слободата.
ВМРО-ДПМНЕ и Латас, се залагаат за општество во кое ќе има некоја „латентна теократија“, институционализиран национализам, изолационизам, авторитарен патријархат и најблаго речено – дубиозен однос према секоја врста на малцински идентитети.
Што е решение? Борба! Демократските и антидемократските политички организации никогаш вистински не се на иста страна. И постојат предобри и предлабоки причини за тоа..
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.