Успеавме да го стабилизираме домашното производство на храна во услови на криза, преку донесувањето на Националниот план за производство на храна и мерките во Интерветниот фонд. Нашата цел сега е да го зголемиме домашното производство на значајни култури и на долг рок да ја намалиме увозната зависност на државата, изјави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Како што пренесуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на вечерашното гостување на Сител, министерот истакнал дека земјоделците навремено и авансно, пред почетокот на сезоната ќе ги добиваат субвенциите.
– Вистинските земјоделци, оние чија основна дејност е токму земјоделието, за прв пат, добиваат нова мерка за поддршка на бизнис план. Преку јавен повик отворен во текот на целата година имаат можност самите да одберат за што ќе инвестираат, добивајќи грант до 10.000 евра за набавка на опрема и механизација, изјави министерот Николовски.
Министерот ја споменал и можноста жените земјоделки да можат да користат платено отсуство за мајчинство во висина од 81.000 денари како еднократен надоместок како и седумте нови национални програми кои се ставаат на располагање за поддршка на малите производители на храна, вино и малите дестилерии за кои, како што наведуваат, е издвоен грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство.
– Со новата ИПАРД 3 програма приближно 100 милиони евра неповратни европски средства ставаме на располагање во инвестиции за модернизација на македонското земјоделство, подигнувајќи го прагот на инвестиции со цел реализирање на поголеми проекти и акредитирање на четири нови мерки за поддршка, истакнал министерот Николовски.