Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска пристигна во Киев за да ја изрази својата поддршка за Украина, ден пред првата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина.
„Се вратив во Кијив, една година по почетокот на војната. Ќе бидеме со Украина и нејзиниот народ додека мирот не се врати во Европа“, напиша тој во пораката на Твитер.
Според информациите од шпанската влада, Санчез во Киев бил пречекан од украинскиот заменик министер за надворешни работи, украинскиот амбасадор во Шпанија и шпанскиот амбасадор во Украина.
Во текот на денот тој ќе има средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Денешната посета на Санчез на Киев е негова втора посета на главниот град на Украина од почетокот на војната.
Американскиот претседател Џо Бајден ненајавено дојде во Киев во понеделникот, а италијанската премиерка Џорџа Мелони го посети во вторникот.
Во пресрет на посетата на Санчез, шпанската влада вчера објави дека на Украина ќе и даде шест тенкови „Леопард 2А4“.