„Нападите врз слободата на говорот не престануваат. Христијан Мицкоски со „методот” наследен од Груевски на секаков начин и преку разни закани се обидува да ги замолчи медиумите кои не мислат исто како него и ВМРО“, реагираат од порталот „Индекс“.
Оттаму уште еднаш појаснија на пошироката јавност дека тие во ниту еден момент во текот на нивната информација за „куќите” на Мицкоски во Козле, не дале никакви сознанија, туку само ги пренеле истите информации за кои веќе беше јавно кажано пред една недела од страна на Александар Митовски од „Инфомакс“ во неговата емисија.
„Сакаме да потенцираме дека ние, indeks.mk, не кажавме ниту еден збор повеќе од Митовски, туку само го пренесовме и проверивме неговото тврдење кое тој никогаш не го демантираше.
Како медиум што работи во РСМ, бараме итна реакција од Здружението на новинари на РСМ и од Синдикатот на новинари и медиумски работници на РСМ, бидејќи ние сме брутално нападнати од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и тоа го докажуваме во видео делот од изјавата, каде што може и самиот Митовски да биде слушнат велејќи дека никој не го негирал тоа“, се вели во реакцијата на Индекс, во која ја цитираат и изјавата на Митовски.
Претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се закани до сите медиуми кои ја пренеле информацијата за наводните имоти дека ќе ги тужи доколку не добие извинување во рок од 24 часа.