Пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Моиве текстови за темите од економијата ме доведоа до можност за разговори со неколку професори од таа наука и некако разговорите се сведуваа на пребројување на излезните решенија од сегашните состојби. Секој предлог бара реформи во самиот приод кон економските политики и облиците на организирање како и, постепена промена на менталитетот на граѓаните како систем на вредности и приоритети.
Едно од решенијата што секој од моите респектирани соговорници го предлагаше е свртување кон производството на храна. При тоа се споменуваа низа на примери од европските земји кои тој процес го воделе како земјишни реформи, децентрализација на државниот апарат и надлежности, демографската политика и просторното планирање на иднината на земјата.
Примерот со субвенциите од околу илјада евра месечно кои Полска ги даваше на секој млад брачен пар кој сака да остане на село е само една од мерките во целиот тој процес. Словенскиот пример на рамномерен развој на разните делови од државата може да се земе како модел за правење на вакви планови и кај нас, иако скептиците велат дека е веќе прекасно за тоа ако се земе во предвид концентрацијата на населението во Скопје и тешкотиите при донесување на законот за територијална поделба на Македонија. Мерките кои се дел од политиката за производство на храна, кои развиените земји на Европа ги применуваат треба да се разгледаат, но не и да се воведуваат кај нас, без да се разгледаат и нивните негативни последици кои се нужни поради спецификата на земјоделството кај нас.
Науката и треба да биде скептична кон било кое решение како конечно, зошто тогаш е беспредметно нејзиното постоење, а слободата на новинарската љубопитност ми дава слобода да поставувам разни прашања? Актуелните новинарски изјави во разните „поткасти“ не ги систематизирам како новинарска слобода, туку неодговорност кон јавно искажаниот збор или како што вели еден доајен на новинарството во Македонија – резултат на нашата неодговорност кон целиот процес на градење на новинари и новинарство во последните децении.
Затоа си го поставувам прашањето, кој ќе ги спроведува сите овие мерки што треба да помогнат во производството на храна?
Младите кои живеат на село сметаат дека судбината не им била наклонета кога се родиле на село. Веднаш се плашат од малограѓанскиот прекар „сељак“ и го бркаат со убавиот збор селанец што има аристократски призвук кога се разгледа денешната состојба на селското потекло на најголемиот број „граѓани“ кои и по половина век се според навиките некаде на половина пат меѓу селото и градот.
Има земјоделски емисии на разните телевизии и нешто што ми падна воочливо од пред неколку месеци е изјавата на еден млад земјоделец од струмичко за недостатоците во животот на село. Има за живот, ама нема забава за нас младите, разочарано вели. Потрошувачкото општество е незапирливо иако е тешко да се објасни дека тој недостаток е помал од загадената средина во големите градови, скапата храна, задушениот сообраќај, па дури и скапото кафе во кафулињата што се некаква форма кога ја објаснуваат тагата по забавниот живот.
Таа колективна психологија на потценување на највиталниот дел од населението на Македонија во текот на шест-седум децении имаше и идеолошка заснованост. Требаше да се „направи“ пролетеријат како основа за револуцијата која тече и промената на општествените односи. Сергеј Крајгер, тогашен висок државен раководител во својот реферат пред сојузниот парламент во 1959 година реферира дека над шеесет проценти од општествениот производ е земјоделското производство и над половината од извозот се земјоделски продукти. Заблудите од колективизацијата од крајот на четириесеттите и почетокот на педесеттите се завршиле со раб на глад во 1953 и 1954 година кога УСА ги зголемила дотациите од жито и друга храна за да се прехранат жителите на Југославија. Тогаш е започната првата реформа во земјоделството. Почетните резултати ги истакнал Крајгер.
Во следните децении и со Уставот од 1963 година е одреден земјишен максимум од десет хектари земја за еден сопственик, поточно селско домаќинство. Во Македонија тоа е дочекано како некаква праведност и можност со земја да се стекнат посиромашните селани, но и да се направи селење на селаните од планинските села во поплодните површини и порамните села. Заради отселувањето на турското население, поради строгоста на законот за забрана на носење на зар и фереџе и договорот со Република Турција од 1957 година многу села останале празни, а земјата била евтина или едноставно се оставала на државата која ја доделуваше на посиромашните и многудетни семејства од планинските села. Така е изменета структурата на населението во Овче Поле и Лакавичката долина, селата околу Куманово и Скопските села од левата страна на Вардар, каде се населени жители од Кратовскиот и Криво Паланечкиот крај. Слично е и со населувањето околу Вардар во Неготинско и Кавадаречко со жители од Мариовските села. Ова како мерка веќе во шеесеттите бара нови организациски форми на кооперација со земјоделците кои произведувале сѐ повеќе храна. Формирани се земјоделските задруги и тоа во секое поголемо село или во неколку помали здружени села е направен и кооперативен систем за соработка со земјоделските комбинати и трговските претпријатија.
Моделот на ваквото организирање не е од книгите на Ленин или некој марксистички идеолог, туку одлука на планската комисија на ФНРЈ која испратила свои комисии во Франција и Сојузна Република Германија да ги разгледаат организациските форми во земјоделството. Во 1965 година е поднесен реферат до Сојузниот секретаријат за земјоделство во кој стои дека треба да се направи синџир кој ќе ги поврзува нивите и трпезите како што тогаш еуфемистички се изразил тогашниот секретар Словенецот Долничар.
Направени се планови и законски измени за комасација и арондација на земјоделското земјиште и правење на големи земјоделски површини под името земјоделски блокови. Тогаш се формирани Земјоделско Индустриските Комбинати како заокружена форма на производство на храна. Нема многу идеологија во целата постапка, туку економска логика и парите од Светска банка кои нејзиниот претседател Макнамара го доделуваше за системи за наводнување за мелници или фарми. Износот на тие кредити за денешно време во номинален износ се смешни, но пресметано со инфлацијата и протокот на половина век изгледаат поприлично големи. Пр. Хидросистемот Калиманци во целост е изграден за од прилика еден милион долари. Ако се погледнат извештаите за учеството на земјоделските производи во извозот (посебно на клириншкиот пазар и неврзаните земји), мнозина од денешните економски аналитичари ќе се зачудат. Не мислам да ја глорификувам некогашната економија, туку да опишам еден процес кој можеше за малку пари и со многу знаење да се стави во вистинските шини на пазарната економија, а ние денес како РСМ да не бидеме зависни од увоз на храна, туку да бидеме извозници. Ако ништо друго да извлечеме заклучоци врз кои ќе градиме нова политика во производството на храна.
Целиот процес на ефикасна организација на земјоделско производство влезе во криза кога беа формирани агро банките кои требаше да бидат мали, ама флексибилни финансиски институции за поддршка на комбинатите и малите земјоделски производители. Во 1984 година државата беше на работ на банкрот, само две години после истата таква состојба од 1982 година. Премиерката Милка Планинц издејствува пет милијарди долари кредит кој требаше да го помогне тој процес на заздравување на економијата. Политичките судири во Југославија доведоа до нагло зголемување на кредитната задолженост и каптирање на секој извор на финансии во етатизираните републички раководства, кои сметаа дека распределбата на заедничките средства се најголемата нивна задача, а не подигањето на производството. Нешто слично на денешните расправи на политичките партии во денешна Македонија. Не кој да придонесе кон заедничкото, туку кој повеќе да земе од заедничкото, па го дотераа буџетот до износ од пет милијарди евра и задолженост од на 60% од БДП. Сѐ е исто, вели песната на Тијана. Тој континуитет во политичкото делување, сега ни е идентитет.
Агро банките пропаднаа зошто со партиска наредба беа ставени во комплексот републики банки, а долговите на ЗИК не се реструктуираа. Мала релаксација донесе Анте Марковиќ со ослободување на надворешната трговија и воспоставување на колку толку пазарни законитости, ама веќе беше предоцна за спасување. Со прогласување на независноста на Македонија, задолжените земјоделските комбинати сега плус затворени на мал домашен простор, зошто ги изгубија сите пазари почнаа да се дават во долгови. Новата државна елита беше преокупирана со големите теми на градење на новата држава, а и глобализацијата како израз на либерализмот ги сведе нашите производители на храна на неконкурентни ситни „башчаванџии“ и крајот се гледаше.
Дури и тогаш со добри мерки на насочување на малиот кредитен потенцијал кон производство на храна можеше да спаси многу од комбинатите. Политиката велеше дека треба да се спасуваа големите загубари каде имаше илјадници вработени. Со грозна манипулација на тие луѓе кои штотуку почнаа да одат во чевли со потпетици место рамните опинци, беа распродадени сите вредни капацитети, а земјоделските комбинати најчесто оставени на разни мешетари кои така дојдоа до фарми, силоси и големи поседи на земјоделско земјиште.
Мерките на Груевски за субвенции и можеби ќе помогнеа да се сопре пропаста на селата и селаните како основа и на оваа држава и на сите овие народи што се наредени во Преамбулата. Можеа да помогнат ако не беа минирани од разни партиски структури и тајкуни кои никогаш и не мислеа да произведуваат храна. Најдобар дел од нив да можат ќе го избришат своето потекло од некои зафрлени села и ќе пишуваат како се потомци на големите трговци што имале магази во Солун. Само погледнете колкави површини квалитетно земјоделско земјиште се преквалификува во градежно и колку помалку се посеани нашите полиња, колку помалку стока има на фармите и целата оваа моја анализа ќе ви биде појасна.
И ете, сега сме без значително производство на храна недоволно за ние да се прехраниме, а не да зборуваме за извозна програма. Без население во селата и без некоја оформена свест дека земјоделието е наша компаративна предност. А да предложам јас вака лаички и новинарски (професија која ќе изумре исто како и нашите селани аристократи). Да почнеме да го почитуваме секој наш сограѓанин што ќе го видиме да вози трактор, а не разни типови кои возат скапи автомобили, а немаат два дена стаж, да направиме посебен шалтер кога ќе се појави некој во комбајнерски комбинезон, а секое село да има кафуле во кое пивото ќе биде без ДДВ. Во училиштата од трето одделение да се учи како е господин оној што на нива работи, што одгледува домашни животни или одгледува цвеќе. Неговото височество господин селанец.
Хе, хе, хе, знам дека се смеете и измислувате разни одговори, иако длабоко во себе се согласувате со најголем дел од моиве заклучоци. Оние кај кои останало малку од аристократската крв на македонски селанец, немо климат со главата, а другите е другите се… и седат по кафулињата.
Текстот е личен став на Авторот. Преземено од ЦИВИЛ.