Во наредниот период Европската унија во рамките на Европскиот мировен фонд ќе одобри мерки за финансиска помош за вооружените сили на Северна Македонија и Грузија, објави денеска европскиот портал „Б2“, специјализиран за европски безбедносни прашања.
Како што пишува Б2, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел на 22 февруари го испратил предлогот до земјите членки, а предлогот за Северна Македонија веќе е на маса на Политичко-безбедносниот комитет на Унијата.
Се уште не е познато кога ќе биде донесена одлуката, а можно е високиот претставник Борел да го соопшти за време на посетата на Северна Македонија на 18 март.
Идејата е да им се помогне на македонските вооружени сили во набавката на клучна опрема за зајакнување на нивните оперативни способности, во логистика, медицинска поддршка, комуникациски и информациски системи, како и во областа на разузнавањето и ризиците од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани.
Сумата за која ќе се одлучува е девет милиони евра.
Како што пишува Б2, Скопје до сега нема користено ваков вид воена помош.