Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во саботата изврши над 250 надзори и контроли на територија на целата држава. Од надзорите и контролите е утврдено дека поголем број од трговците ги почитуваат одлуките на Владата за замрзнување на цената на лебот до 33 денари и за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.
-Леб се продава од 28 до 33 денари, зависно од грамажата и градот во кој се вршени надзорите и контролите, a трговците на големо и мало со прехранбени производи, генерално ја почитуваат обврската да го произведуваат и да го ставаат во промет лебот опфатен со Одлуката на Владата, во количина од најмалку 80 отсто од производството на овој леб во декември 2022 година, наведува Инспекторатот.
Онаму каде што се констатирани прекршувања, издадени се вкупно шест прекршочни платни налози и тоа во висина од над 960 000 денари.
Државниот пазарен инспекторат најавува дека и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори по одлуките на Владата.
-Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној кој пробал на било каков начин да изврши прекршување на овие Одлуки. Апелираме трговците да ја адаптираат цената и доставата на лебот во согласност со Одлуките, бидејќи во спротивно ќе се соочат со казни кои се многу високи, и изнесуваат од 800 до 10 000 евра, во зависност од големината на економскиот субјект, а во надлежност со Законот за трговија, соопштува ДПИ.