Пратеникот во Собранието и потпретседател на ДУИ, Изет Меџити, кој е еден од најистакнатите членови на т.н. „Огнена група“ во партијата, во изјава за МИА вели дека не се точни информациите оти е разрешен од должноста претседател на огранокот на Демократската унија за интеграција за Општина Чаир.
– Не сум разрешен. Јас сум избран во легална процедура и низ редовна кампања и имам мандат како претседател на огранокот, изјави Меџити.
Коментирајќи ги информациите дека на негово место како „координатор на ДУИ за Чаир“ е именуван актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи, Меџити вели дека таквата одлука е смешна и нелегитимна, бидејќи според Статутот на партијата не постои функција „координатор за политички процеси“ и за такво нешто не се дебатирало во ниту едно партиско тело.
– Сето ова е одраз или делување во паника, по големата поддршка од гласачите и граѓаните на нашите собири, секаде каде што сме биле, додава Меџити.