Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Сте приметиле како функционира онаа општо-прифатена флоскула која звучи драматично, а ништо не кажува: „Денес општеството е поделено, фрагментирано, не верувам дека некогаш ќе се состави во една целина“? Па, драги читатели, имам една добра вест: идејата на демократијата всушност е во фрагментацијата, поделеноста, а не во истоста или „чистината“. Луѓето не се квантуми и броеви, а уште помалку се исти. Никогаш луѓето не биле исти, дури и кога се работи за бебиња; акушерката или бабицата ќе ви рече сосема уверливо и втемелено: не постојат две исти деца на светот.
Со овие мисли сум окупиран последниве неколку денови така што невозможно е да не се дофатиме за приказните околу идентитетот. Оттука, веднаш на почеток да кажам дека сликата за идентитетот која преовладува во свеста на сите „десничари“-поединци, е, дека, тој, имено, идентитетот е чист, хомоген и стабилен. Toa, се разбира, е ништо друго освен чиста илузија. Поточно, тоа е идеолошка проекција прилагодена на структурата на моќ. Еден од најголемите автори што многу прецизно ги објасни овие дихотомии на битието/човекот е Edward W. Said во неговата брилијантна книга „Ориентализам“.
На секој идентитет потребен му е оној Другиот за да може да се конституира, т.е., значи дека не може да биде независен, а постојат и аргументи кои ни кажуваат дека идентитетот не може да биде чист и хомоген. Дерида, пак, ни кажува дека не постои идентитет кој може да се нарече свој. Тој, идентитетот, е како мрежа во која продираат „силници“ (читај, замислени стрелички „со“ или „без“ врв) од сите страни, и така сè заедно го создаваат неговото тело. Тоа значи дека идентитетот не можеме да го набљудуваме одвоено во синкронинска или дијакронински смисла: културите се создавани поради сопствениот развој, ама и развојот што произлегува од размената на односите со другите култури, нè учи Дерида.
На што ме поттикна ова (пара)филозофорирање, може ќе се прашате? Распадот на заедничката држава Југославија создаде, според логиката на работите, многу нови „малцинства“: Aлбанци, Роми, Турци, Бошњаци, Срби итн. Се разбира, да се биде малцинство – посебно „ново“ малцинство воопшто не беше лесно во време на војните. Во деведесеттите само се пукаше, колеше и протеруваше, на тоа имавме масовни етнички чистења, помали или поголеми геноциди, монументални мегапљачкосувања и останати ситни „радости“ на најлошите меѓу нас: да даде Господ никогаш повеќе! Тоа во соголен речник значеше: дива и насилна фаза во односот на Другоста, односно насилна фаза кон малцинствата.
Денеска за себе велиме дека сме очовечени (кој повеќе кој помалку), демократизирани, проевропеизирани, мултикултивирани, па решивме со своите сакани малцинства – старите или новите, подеднакво, оти не сакаме ние, Бог да чува, никого да го дискриминираме – прифаќајќи ги сите човечки и малцински права според европските стандарди. Ете, да речеме: загарантираното малцинско право на свој јазик! Каде ќе најдете нешто поприродно и посаморазбирливо од тоа? А тоа е: албанскиот јазик.
Јас нему мердита, а тој мене добар ден, Јовановиќу. Или да речеме Бугарите: јас нему „добружда“, а тој мене добар ми бил, пријателе. Машала, велам на ова. Или на хрватски: „добар ден“, а јас нему „леп вам дан желим“. Сакам да кажам: кој „норамален“ би имал против ова?
Знам, никој! Знам и тоа кој на овие провинциски теми се глупира како детуле во претшколска возраст. ВМРО-ДПМНЕ лично. И има уште една замрсена работа која дополнително ги комплицира работите: овој исконструиран проблем со „малцинствата“ е вештачки, а ако е вештачки, значи дека е нерешлив. Вие можете сè да решите ако се насочите кон природното право, ако од „проблемите“ со малцинствата правите вештачки проблем, што значи проблем кој не постои, вие никогаш нема да го решите проблемот.
Некој ќе рече: како е возможно да е нерешливо? Па, убаво: нерешливо е затоа што нема цврсто упориште во самата реалност и притоа е дефинирано како проблем. Тоа ви е нешто како со хипохондрик, иначе телесно совршено здрав: тој стално би сакал да се лечи од нешто оти најдоцна до следниот четврток ќе умре во страшни болки, ама не може во суштина да се излечи затоа што никогаш и не бил вистински болен; единствено кое можеби мора да се лечи е самата хипохондрија, ама за тоа не му паѓа на памет, затоа што таа хипохондрија е неотуѓив дел од неговиот идентитет.
Ние мора да излеземе од ова лудило, мора некако работите да ги ресетираме од почеток: ништо нема да му биде на нашето колективно тело ако Бугарите ги ставиме во уставот. Може токму Бугарите се нашиот лек против хипохондрија?
Знам, десничарите како хипохондрици ќе почнат да ме напаѓаат, да врескаат, да негираат, ама длабоко во нив знаат дека нема никаков проблем со Бугарите: од Бугарите добиваат двојни пасоши, од Грците добиваат гиро и море, од Црногорците и Хрватите ќе добијат уште море и уште гиро. Време е работата да се ресетира, за почетокот да се обидеме со овој лек против хипохондрија. Верувам дека добро се разбравме, го бележам тоа со голямо уважение.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.