Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето против сопственикот на порталот „Доказ” кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела.
На почетокот на насроченото рочиште, јавната обвинителка, Зорица Павловиќ, предложи до судот јавноста да се исклучи од отворањето до крајот на главната расправа, бидејќи, како што рече, „се работи за кривични дела против моралот, а исклучувањето на јавноста е потребно заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците“.
– Бидејќи се очекува изнесување на лични и интимни односи, детали од животот на семејствата на оштетените, затоа обвинителството смета дека е потребна заштита на оштетените и сведоците кои се во поголем број, а истите досега преку интернет порталот биле подложни на говор на омраза, рече таа.
Судот го прифати овој предлог и донесе решение за исклучување на јавноста.
– Се прифаќа предлогот на јавниот обвинител да се исклучи јавноста во текот на целата главна расправа заради заштита на приватниот живот на оштетените, рече судијката поединец, Марија Клетничка Марковска.
На денешното рочиште беа присутни оштетените Валентина Вумро, Ирена Мулачка, Александра Милчевска, Марина Јовановска, Блерим Рамадани и Роберт Петров.
Процесот го води судијката Марија Клетничка Марковска, а застапник на обвинението јавната обвинителка Зорица Павловиќ.