Марш за женски права ќе се одржи на Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, 8 март (среда). Оваа година се маршира под слоганот: „Ќе преживеат ли жените овде?”, со почеток во 18:00ч. на Плоштадот Филип II.
„Овој марш е протестен одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед: од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените.
Да се биде жена во Македонија значи да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш тој ден. Да се биде жена или девојка во оваа земја значи секојдневно да се соочуваш со ново прашање за преживување: Дали ќе го преживеам ова возење со такси? Дали ќе го преживеам овој месец? Дали ќе го преживеам браков? Дали ќе го преживеам породувањето? Дали ќе ја преживеам оваа операција? Накратко, да се биде жена во Македонија значи да се плашиш и постојано да се прашуваш „дали ќе преживеам?”.
Во 2023 година, жените и девојките сѐ уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот.
Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и култура на насилство и мизогинија која постојано се шири.
Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас – бидејќи родова нееднаквост е сечиј проблем, а единствено здружено сме посилни. Ве повикуваме заедно да кренеме глас за женските права. Марширајте со нас, со почеток во 18.00 часот, дојдете на Плоштад Филип II или приклучете ни се на некоја од точките на рутата во прилог.
По нашето обраќање, се движиме по предвидената рута, а маршот ќе го завршиме во Паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите“, велат од Платформата за родова еднаквост.