Денеска на Меѓународниот празник на жената 8ми март, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски заедно со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски и Вангел Андревски Раководител на финансии и стратешки развој им поделија рози на жените во Дебар Маало и Буњаковец.
„Вие сте столбови на семејствата, но истовремено и суштински дел од политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот во секое општество. Затоа го заслужувате секое признание за вашата храброст, истрајност, достоинство и посветеност. Ви ги честитам успесите, бидејќи вашите секојдневни достигнувања се пресликуваат врз македонското општество, правејќи не сите нас горди. Останете трудољубиви и борбени за вашата видливост и признавање на успесите“, порача Герасимовски.
Претходно Герасимовски им го честиташе празникот на колешките во општината и изрази поддршка за нивните активности. Тој пред нив рече дека, храброста на жените е движечка сила за прогресот на општеството, секогаш и секаде, затоа родовата еднаквост не е само прашање на основни човекови права, туку е основа за просперитет и одржлив развој на државата. Ја имате мојата поддршка, им порача Герасимовски на вработените.