Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека е добро што земјава успеа да издаде еврообврзница од 500 милиони за цена која што во овој момент на финансискиот пазар се уште е ниска за разлика од тоа што од другите можат да го добијат.
– Не се случија сценаријата коишто кажуваат дека ќе се наруши кредитниот рејтинг и тоа се покажа со тоа што имаше за четири пати поголема понуда од тоа што ние го баравме. Сметам дека во кризи е клучно дали ќе можеме да обезбедиме доволно финансиски средства за да ги опслужиме сите граѓани и сите тие коишто треба да бидат опслужени од страна на Владата, рече Битиќи во одговор на прашање на паузата на конференцијата „Преку дигитализација кон нова генерација на регионална соработка“ што денеска се одржува во Скопје.
Еврообврзницата, како што истакна вицепремиерот, се издава во момент кога е најповолно на пазарот.
– За жал, се случи административна потешкотија т.е. грешка да не можеме да ја потпишеме, да се верификува претходната еврообврзница затоа што законите коишто се на сила така укажуваат. Секако, ако органите коишто треба да следат увидат дека има грешка од човечки фактор којшто треба да сноси одговорност го знаете мојот став – секогаш одговорноста не може да биде колективна, мора да биде лична. Сепак, тоа што во јавноста се калкулира како штета од непотпишувањето на првата еврообрврзница ние економистите го викаме опортуна штета или опортуна добивка или во уште поекономски термин е опортун трошок кој што ќе се направи. Прашањето е легитимно, но истото прашање можеме да го поставиме што ако се земеше еврообврзницата во јануари со многу повисока камата дали тогаш немаше да биде уште поголема штета, прецизира Битиќи.