Нашите очекување се дека на крај ќе успееме да добиеме ослободителна пресуда, бидејќи ова обвинение значи враќање на вербален деликт на мала врата, изјави адвокатот Коста Најков, бранител на обвинетиот Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“.
Во изјава за медиуми по денешната расправа, Најков рече дека без оглед на она што го пишувал Стаменковски и дали тоа некому му се допаѓа или не, како што рече „тука разговараме за кривична одговорност, односно дали има или нема извршување на кривична одговорност, а ние сметаме дека такво нема“.
Адвокатот информираше дека обвинетиот се изјаснил за невин и кажа дека денешната расправа продолжила со доказната постапка, испитување на оштетените.
– Тоа значи дека обвинетиот не призна вина и смета дека не е виновен за ова, дека се работи за вербален деликт, а не и за кривично дело. Се надеваме дека во текот на постапката тоа и ќе го докажеме, рече адвокатот.
Во врска со наредната расправа тој кажа дека ќе продолжи со изведување на докази, а за предметот, продолжение на овој предмет, што го води обвинителството, адвокатот одговори дека нема никакви информации.