Илјадници антивладини демонстранти се собраа денеска во главниот град на Чешка, незадоволни од високата инфлација. Настанот на плоштадот Вацлав во Прага го организираше новата политичка партија Закон, почитување, стручност (ПРО), истакнувајќи дека тоа е протест против сиромаштијата.
Додека учесниците ја повикаа коалициската влада да поднесе оставка, лидерот на партијата Јиндрих Рајхл порача дека сакаат „влада која пред се ќе се грижи за интересите на чешките граѓани“. Демонстрантите побараа чешките власти да престанат да даваат воена поддршка за Украина, која се соочува со руска инвазија. Партијата ПРО ја обвинува Европската унија за скокот на цената на енергенсите.
Инфлацијата во Чешка се намали на 16,7% во февруари од 17,5%, колку што изнесуваше еден месец претходно. Украина беше клучното прашање на денешните протести, а насобраната толпа повика на мирен прекин на војната.
„Стоп за војната, стоп за НАТО“, извикуваа демонстрантите.
По почетокот на руската инвазија во февруари минатата година, Чешка силно ја поддржа Владата во Кијив. Почна да ја снабдува украинската армија со оружје и прими половина милион воени бегалци.
Г.Т.